| четврток, 6 декември 2018 |

Незири: Во Македонија нема енергетска криза

neziri

Во Македонија нема енергетска криза, но ќе имаме реални проблеми доколку продолжи блокадата на сметката на „Макпетрол“. Не сакам да ги коментирам процедурите што ги спроведуваат судовите, но како министер за економија ќе застанам во заштита на компаниите, а, секако, нема да го поддржам и незаконското работење.

Ова го истакна министерот за економија Беким Незири по средбата со претставници на компаниите што имаат лиценца за трговија со нафта и нафтени деривати и природен гас.

– Нема да ги коментирам судските одлуки, но секоја власт, вклучувајќи ја и судската, треба да биде многу внимателна кога донесува одлуки што предизвикуваат последици за економијата, индустријата и граѓаните – рече Незири.

Тој посочи дека на средбата од компаниите добил уверување дека граѓаните нема да имаат проблеми во снабдувањето со нафтените деривати и додаде дека прават напори и индустријата да нема проблеми со снабдувањето со гас.

– Нема да има буџетски импликации од продолжување на блокадата на „Макпетрол“ бидејќи сите количества на нафта и на нафтени деривати и гас од увоз и понатаму ќе можат да се обезбедуваат. Тоа го овозможува либерализацијата на пазарот, а доколку таа не беше спроведена, сега ќе зборувавме за тоа дали и кога ќе колабира системот. Проблем е само да се најдат компании што можат дневно од „Окта“ како најголем снабдувач да купат нафта и нафтени деривати во вредност од 900.000 до еден милион евра и нив да ги продадат – рече Незири.

Тој посочи дека вчера добиле писмо од „Макпетрол“ во кое компанијата ги информира дека „Окта“ донела привремена одлука да престане да ги снабдува со нафта и нафтени деривати додека трае блокадата на сметката, а проблем ќе имаат и со набавката на гас зашто „Газпром“ им бара авансно плаќање на сметката еден месец однапред. Воедно било нагласено дека имаат резерви од само пет дена за непречено снабдување на аеродромите со керозин.

Како што информира Незири, „Макпетрол“ е најголем дистрибутер на нафта и на нафтени деривати во земјава со речиси 50 отсто, а покрива и 36 отсто од снабдувањето со гас и тоа претежно за индустријата.

– Проблем во снабдувањето со нафта и со нафтени деривати во Македонија може да се јави само во местата каде што единствено има бензински пумпи на „Макпетрол“, како што се Дојран, Делчево, Градско, Македонска Каменица, Маврово, Дебар, Конче, Кратово, Демир Хисар, Пехчево, Валандово и Свети Николе. Таму граѓаните би требало да одат 20 до 30 километри за да наполнат гориво на некоја друга бензинска пумпа, но постои можност да им се пуштаат и мобилни цистерни од каде што може да се точи гориво. Проблем е што точењето на гориво е поврзано со автоматско издавање на фискални сметки, но доколку потрае состојбата ќе се обидеме да изнајдеме решение и за тоа. За аеродромите постои можност да се снабдуваат авионите директно од цистерни или, пак, снабдувањето со керозин да го врши некој од соседните аеродроми во близина. За снабдувањето со гас работиме во правец на наоѓање решенија за индустријата да нема проблеми. Тројца од увозниците на гас денеска ме уверија дека ќе направат напори да го покријат снабдувањето со гас што го врши „Макпетрол“, но единствен проблем е што тој гас треба да се дистрибуира преку „Гама“, чијшто мнозински  акционер е „Макпетрол“, рече Незири и побара судските власти да ги преиспитаат своите одлуки.

Прашан што е со снабдувањето со мазут за РЕК „Битола“ и Осломеј, рече дека ЕЛЕМ има резерви за 25-дневно работење и додаде дека „Окта“ нема проблем да ја снабди компанијата со мазут, а единствено ќе биде потребно ЕЛЕМ да објави оглас за избор на нов снабдувач.

Претседателот на Македонската енергетска асоцијација Кочо Анѓушев нагласи дека либерализацијата на пазарот придонела вакви кризни ситуации да не преминат во енергетска криза и само да останат на нивото на енергетски проблеми. Додаде дека енергетските проблеми можат да предизвикаат и одредени финансиски проблеми бидејќи, како што кажа, треба да бидат изнајдени други финансиски текови  и средствата да бидат пренасочени кон компании кои ќе ги супституираат енергентите што ги продава „Макпетрол“.

Воедно додаде дека може да се предизвика и дизбаланс на енергија особено во грејната сезона и компаниите што  употребуваат гас да преминат на потрошувачка на електрична енергија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top