| четврток, 6 декември 2018 |

Повредена и ограбена сопственичка на продавница во Охрид

Арамии од Скопје ограбиле продавница во Охрид и ја повредиле сопственичката.

Како што соопшти МВР, на 7 август оваа година С.Р. (38) од Скопје заедно со уште едно, засега, непознато женско лице, со погоден алат ги скршиле двата катанци од металната решетка поставена на влезната врата од продавницата „Заум пром-Маргарите“ ДООЕЛ Охрид лоцирана на ул.„Јане Сандански“ во Охрид.

– Настанот се случил во 3.30 часот кога двајцата, со патничко моторно возило марка „фолксваген-пасат“ со скопски регистарски таблички пристигнале пред продавницата. Тука, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, го употребиле алатот, насилно влегле во продавницата и од касата одзеле 1.500 денари. Потоа од работните полици одзеле разновидни марки цигари и ги ставиле во најлонските црни кеси кои ги имале со себе. За кратко време, кон продавницата се упатила сопственичката која претходно, од граѓанин била известена за кражбата. Забележувајќи ја сопственичката и оставајќи ја кесата, двајцата влегле во патничкото возило во сопственост на С.Р. и избегале. При паничен маневар со возилото, сега притворениот С.Р. со задниот дел од автомобилот ја удрил сопственичката на продавницата нанесувајќи и телесни повреди – се наведува во соопштението на МВР.

Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојничка кражба“, од СВР Охрид е поднесена кривична пријава против С.Р., а од страна на судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор во траење од триесет дена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top