| четврток, 6 декември 2018 |

Челникот на IS ја силувал американската заложничка

tocka-167856Челникот на џихадистичката организација Исламска држава (IS), Абу Бакр ал-Багдади ја претворил во сексуална робинка американската хуманитарна мисионерка Кајла Џин Милер повеќекратно силувајќи ја додека била во заложништво во Сирија, потврдија американски официјални извори.

Претставници на американските власти во петокот на нејзините родители им соопштија дека Абу Бакр ал-Багдади додека ја држел во заточение ја силувал, како и дека била мачена, соопшти претставничка на семејството. Милер е убиена на 26-годишна возраст, а во петокот требаше да го прослави 27 роденден.

Кајла Милер беше грабната од џихадистичките борци на Исламската дражва во август 2013 година во моментите кога ја напуштала болницата во градот Алепо. Подоцна џихадистите за девојката бараа откуп од 5 милиони евра.

Исламската држава објави во февруари годинава дека загинала во бомбардирањето на јорданските авиони во градот Рака, во истоимената северна сириска покраина, која е прогласена за престолнина на ткн „калифат“ на териториите во Ирак и Сирија кои се под контрола на Исламската држава. Оваа информација тогаш ја потврди и Белата куќа.

Милер во декември 2012 година заминала во Турција за да работи за една турска организација којашто испраќала хуманитарна помош по должината на сириската граница. Ал Багдади, по грабнувањето, лично ја сместил во домот на Абу Сајаф, туниски борец кој загинал во американски напад ланскиот мај, изјавиле извори на телевизијата ABC News.

Една од заложничките, 14-годишна девојка припадничка на курдската етноконфесионална заедница Јазиди, која минала неколку месеци со Милер а подоцна успеала да избега од заточението, изјавила дека Американката била сметана за „жена“ на ал-Багдади. Според неа, челникот на Исламската држава повеќепати ја силувал Милер, пишува британскиот весник The Independent.

Агенцијата Associated Press пренесува дека американски разузнавачки извори ги потврдиле изјавите на јазидската тинејџерка, и за тоа ги информирале родителите на Милер. Девојката која успеала да се спаси од заробеништвото на џихадистите, исто така, сведочела дека Милер учела арапски во заложништво, како и дека исламистичките борци ги силувале другите заложнички.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top