| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто е толку тешко губењето килограми?

debelina2

Експертите тврдат дека постојат скриени фактори што влијаат на зголемената телесна маса, во кои спаѓаат недостаток на сон и консумирање на одредени лекови (кои се земаат на рецепт). Стручњаците, исто така, ги откриваат и помалку очигледните причини поради кои некои луѓе побрзо и повеќе ги „таложат“ килограмите од другите.

Потврдено е дека жените што се осетливи на горчливиот вкус на храната се послаби од оние кај кои тој осет не е толку развиен. Имено, луѓето што имаат повисок степен на толеранција за горчливиот вкус помалку се способни да ја почувствуваат маснотијата во храната, па ја консумираат во поголеми количества. Затоа се препорачува храната да ја зачините со сенф, оцет или со зачини што ќе го задоволат осетот за вкус, а со тоа ќе го спречите внесот на екстра калории и маснотии во организмот.

ВИРУСОТ НА ДЕБЕЛЕЕЊЕТО

Некои научници сметаат дека одредени видови вируси можат да предизвикаат дебелеење кај луѓето. Во едно истражување, научниците забележале дека при анализирањето на крвта на дебелите луѓе, забележано е присуство на антитела на вирусот на обичната настинка до 30%, додека кај слабите луѓе само до 11%. Таканаречениот вирус на дебелеењето предизвикува симптоми на блага настинка, поради што многу луѓе и не знаат дека се болни. Но вирусот продолжува да дејствува, а нивото на ензимите што го предизвикуваат создавањето на мрсните наслојки се зголемува, со што се покачува бројот на мрсните клетки во организмот. Иако не постои волшебен лек против овој вирус, неговото рано откривање во организмот (со специјална крвна анализа) овозможува навремена превенција против дебелеењето.

Бактериите што се нормално присутни во цревата, исто така можат да влијаат на телесната тежина. Разликата во количеството на две групи бактерии (фирмиктес и бактероидете) можат да влијае на ефикасноста на искористувањето на калориите од храната. Затоа некои луѓе се повеќе, а некои помалку склони кон дебелеење. Иако научниците се уште не се сигурни дали е возможно да се влијае на овие бактерии, ова сознание може да ја смени медицинската перцепција на дебелеењето. Според нив, математичката формула на дебелеењето: вишок храна + недостаток на движење = вишок килограми, сепак не е така едноставна, а и влијанието на надворешната средина никако не може да се исклучи.

СИНДРОМИТЕ НА ХРОНИЧНАТА ДЕБЕЛИНА

Една од најчестите причини за здебелување се полицистичните јајници – зголемената продукција на машките хормони во јајниците. Поради пореметувањето на хормоналната рамнотежа, се зголемува и отпорноста на организмот на инсулинот, што предизвикува зголемена потреба за јаглени хидрати. Овој синдром е најчесто наследен и се јавува кај 5-10% од жените во репродуктивната доба. Во карактеристични симптоми спаѓаат хронично мрсната кожа на лицето, честа појава на акните, истенчување на косата, појава на влакна на лицето и нередовни менструации. Кога ќе се дијагностицира, синдромот на полицистичните јајници успешно се лекува.

Забавена функција на тироидната жлезда често е причина за покачена телесна маса за 2,5 до 5 кг.  Бидејќи штитната жлезда не произведува доволно хормони кои ги претвораат калориите во енергија, заболените чувствуваат хроничен замор или студ, а кожата и косата им се суви. Ако со анализа на крвта се потврди дијагнозата, прецизно одредената и постојано контролираната доза на хормони ќе го регулира метаболизмот и телесната тежина.

Бидејќи повеќето ментални болести го намалуваат апетитот, тие не можат да се групираат во предизвикувачите на дебелеењето.  Сепак, одредени лекови што се основната терапија за овие нарушувања, можат да го зголемат апетитот, па и телесната тежина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top