Македонија има уште најмногу два месеца, а, реално, само триесетина работни дена за да го зачува статусот на земја со добар годишен извештај од Европската комисија и со тоа да ја спаси препораката за почеток на преговори со ЕУ. Политичките фактори во претстојните шест недели имаат можност да ги стават настрана својата суета и партиските интереси и заедно да го продолжат деценискиот тренд на позитивни извештаи и препораки за почеток на преговори. Објективно, тоа ќе биде тешко. Интересите на двете „политички закрвени“ македонски партии се различни. За ВМРО-ДПМНЕ добивање позитивен извештај од Комисијата и препорака за преговори ќе биде, можеби, најголемата победа во речиси децениското владеење со земјата. Нивно губење ќе значи отворено поле за критики од страна на опозицијата и на дел од граѓаните затоа што, сепак, огромен дел од одговорноста за состојбите во земјава, дури и со ваква опозиција, лежи кај владата. Губење на препораката и лош извештај е катастрофален и од меѓународен аспект. За обичните посматрачи во странство, па дури и за упатените во состојбите во Македонија, нема да биде важно дали лошиот европски тренд се должи на внатрешна криза или на недостиг од политички дијалог. Единственото нешто што ќе го имаат пред себе ќе биде сликата за една од ретките земји во историјата на ЕУ, која тргнала назад место напред. Со тоа ќе порасне стравот за стабилноста на земјата, ќе се отворат нови дебати за редефинирање на политичкиот систем, на поделбата на земјата на етнички план и, се разбира, ќе почне нов бран недоверба во институциите. Инвеститорите од странство, иако засега нема драматични промени уште од кумановските настани, двапати размислуваат пред да дојдат или да ги активираат своите инвестиции во Македонија. На сите тие што се во дилема дали да инвестираат во земјава состојбата ќе им се разјасни со негативен извештај и препорака.
Најавата на Јункер не навестува незаслужена позитивна оцена
Најавата на новиот шеф на Европската комисија Жан Клод Јункер, кој при стапувањето на должноста претседател на Европската комисија рече дека во неговиот мандат, кој истекува во 2019 година, нема да има нови членки на ЕУ, може сериозно да влијае на оцените што ќе ги дава Комисијата за земјите-аспиранти. Не би било логично Европската комисија да пишува во суперлативи за земјите што претходникот на шефот на ЕК ги осуди дека немаат шанси да станат дел од ЕУ дури и ако направат успешни реформи какви што ЕУ не видела досега. Иако процената на Јункер е дека ниту една од земјите-кандидати нема реална основа да ги исполни критериумите од Копенхаген во овој мандат на ЕК, сепак неговата изјава се толкува како порака не до земјите-аспиранти туку до гласачите во земјите-членки, кои по влезот на Романија и на Бугарија не сакаат нови земји и нови емигранти во своите држави. Поради тоа, за очекување е дека не само во извештаите, туку и, генерално, во целата комуникација на ЕУ во идните неколку години, да нема позитивна конотација за земјите-кандидати. Во оваа политичко-маркетиншка игра во најлоша состојба е комесарот за проширување и за соседска политика Јоханес Хан, кој, наспроти негативните емоции кај Европејците од за проширувањето, ќе треба да го одржи нивото на духот во Србија, Црна Гора, Македонија и во Албанија за сите тие да ги продолжат реформите што се услов за прием во ЕУ. Според многумина, оваа мисија на австрискиот комесар е „невозможна“.
Пирова победа
Доколку опозицијата игра на оваа карта со одолжување на договорот од Пржино за да ги блокира договорените реформи и со тоа Македонија да добие негативна годишна оцена, мора да знае дека тоа ќе биде Пирова победа. Не само од аспект на штетите за државата, која еден ден ќе ја води и опозицијата, туку и поради механизмите што ќе ги користи владата за да му каже јасно на граѓанинот, според неа, кој е виновен за ретроградните процеси. Во таква ситуација ниту лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ниту неговите сопартијци нема да добијат политички поени какви што би добиле со конструктивна политика и со исполнување на договорот заверен од самата Европска унија. Другата опасност за опозицијата е целосно губење на довербата во Брисел каде што точно знаат кому на политички план повеќе би му одговарало губење на препораката. Во такво случај, како што веќе видовме, Европската унија има точно утврдени механизми, кои нема да бидат корисни за секој што ќе се обиде да минира позитивен извештај. Исто како што Брисел нема да остане без награда за конструктивниот пристап на опозицијата во надминување на политичката криза.
Стилот поважен од содржината
Во таканаречениот „Извештај за напредокот“ за секоја од земјите аспиранти за влез во Европската унија, стручњаците на Европската комисија го чешлаат секое од сите 35 поглавја за кои во иднина земјата треба да преговара. Во него се наведени сите застои, статус кво или придвижувања напред во сите сфери што се важни за ЕУ и за државите-аспиранти. Тоа што е исклучително важно е стилот на јазикот со кој се пишува извештајот. На Македонија досега во неколку наврати ѝ се случуваше да има сериозен напредок, но тоа да не биде толку видливо во извештајот поради специфичниот стил на пишување или, пак, да има големи ретроградни процеси, но повторно, поради употребениот јазик, тоа да не е толку видливо за обичниот читател. Изборот на стилот на пишување во Европската комисија понекогаш зависи од процесите во земјите-аспиранти, но и од трендовите во самата ЕУ. Па така, понекогаш се случува земјата што покажала мал напредок, а реално дала огромен напор за спроведување реформи во клучните и најтешки области, да биде наградена со позитивна конотација при описот на состојбите. Наспроти тоа, секогаш кога во ЕУ се зголемува стравот и заморот од проширување, се случува земјите што направиле голем чекор напред да не бидат пофалени, туку нивните успеси да бидат само наведени без посебен коментар.
(Текст објавен во 153. број на неделникот Република, 7.08.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.