Дирекцијата за заштита и спасување во соработка со седум експерти следните 12 дена ќе работат на утврдување на причините за поплавите што го зафатија Тетово и Тетовско.
На денешната прес-конференција директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Шабан Салиу информира дека согласно заклучокот на Владата од 4 август годинава, одлучено е да се активира Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој овозможува координација на целата помош што доаѓа од ЕУ во случај на природни непогоди и други несреќи.
– Преку Механизмот за цивилна заштита побаравме да се активира системот Коперникус и добивме сателитски снимки за конкретната состоја во Тетово. Ќе се направи добро инфраструктурно уредување на целата територија која беше зафатена од поплавите и свлечиштата. Ќе се обидеме да им дадеме одредени насоки и препораки на Владата и на локалната самопупрва како да го уреди тој простор за во иднина да не се случуваат такви проблеми- рече Салиу.
Тој информира дека оштетени се околу 390 куќи, а се отстрануваат наноси од 1 милион и 500 илјади кубици. На терен од Дирекцијата за заштита и спасување во моментов се наоѓаат 39 багери, неколку булдожери и 40 камиони. Според Салиу, за неколку дена теренот ќе биде целосно уреден.
Експертскиот тим се состои од Рудолф Де Кром од Холандија, тим-лидер и експерт за поплави, Тина Петернел од Словенија и Патрик Гиндре од Франција, експерти за проценка на штети на инфраструктура, Маркус Мекснер од Германија и Тамаш Мадер од Унгарија, експерти за рано опоравување на системи за водовод и канализација, Јоаким Швејгл од Австрија, градежен инженер-експерт за урбано планирање и спроведување мерки за заштита и спасување на локално ниво и Алфонсо Басанта од Шпанија.
Рудолф Де Кром информира дека Механизмот за цивилна заштита на ЕУ ќе ги покани земјите-членки да обезбедат експертиза.
– Тој вклучува експерти од полето на вода за пиење, канализација, геологија, кои ќе извршат проценка на теренот, што е причината за овие одрони и поплави и да се подготви извештај со одредени препораки за превенција. УНДП и други организации исто така прават проценки на состојбата, но ние повеќе ќе се фокусираме на давање препораки за во иднина- рече Де Кром.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.