| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија против Естонија во борба за финале во Европската лига

odbojkari-na-makedonija-15

Македонската одбојкарска репрезентација вечерва од 20 часот во полскиот град Валбжих го игра полуфиналето од Европската лига. Противник за влез во финалето ни е Естонија, селекција што во првите две кола постигна две победи над Македонија. Затоа во нашиот табор ја посакуваат победата за реванш на двата пораза.

Откако беше познато дека Естонија ќе биде нашиот ривал капитенот Никола Ѓорѓиев истакна дека можеме да дојде до победа.

– Тие се фаворити, но ние ако успееме да ја наметнеме нашата игра можеме да се избориме, конечно македонската одбојка да игра финале. Сите треба да ја искористиме оваа шанса – додаде Ѓорѓиев.

Естонија со максимални 10 победи ја заврши групата, додека Македонија, која оваа година натпреварите ги почна без контролен дуел, од натпревар во натпревар игра сè подобро.

Во анализата за оваа полуфинална двојка од стручниот штаб на Полска истакнаа дека Естонија е фаворит поради можноста да игра со 12 играчи, додека Македонија е селекција што постојано го подигнува нивото на играта.

Инаку, во првото полуфинале од 17 часот играат домаќинот Полска и Словенија.

Победниците ќе играат во утрешното финале (почеток 20 часот), додека поразените ќе играат во дуел за трето место (почеток 17 часот).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top