Кина и Јужна Кореја очекуваат дека на 15 август, по повод завршувањето на Втората светска војна во Азија, јапонскиот премиер Шинѕо Абе ќе даде изјава и извинување за настаните во овој дел на светот започнати пред 75 години. Јавното, но и јасно извинување на премиерот Абе во врска со насилствата што ги правела јапонската војска, дипломатските кругови во Сеул и Пекинг го сметаат за камен темелник за воспоставување на нормални односи меѓу трите држави.
Јужнокорејскиот министер за надворешни работи Јун Бунг-се денеска во Сеул изјави дека владата на неговата држава често го повторувала барањето Јапонија да ја признае објективната историска вистина, што до сега не го направиле поранешните јапонски премиери. Ако Абе го направи тоа што од него се очекува, според врвнот дипломат во Сеул, односите меѓу Јужна Кореја и Јапонија ќе се подобруваат со секавична брзина.
Јапонија до сега одбиваше да се согласи дека стотици илјади девојки и жени од Кина и Јужна Кореја биле користени во јапонските касарни како сексуално робје, а имаше и изјави на највисоко ниво од Токио дека се работело за проститутки. Тоа тврдење и во двете Кореји и во Кина се смета за навредлива и максимална дволичност на Јапонците.
Јужна Кореја очекува дека во говорот по повод 70-годишнината на крајот на Втората светска војна јапонскиот премиер ќе ги вклучи четирите клучни поими – дека настаните од 1940 до 1945 година биле агресорска војна и колонијализаторски и во говорот да има јасно извинување за навредливите изјави на поранешните премиери Томичи Муријама и Јуничиро Коизуми дадени во 1995 и 2005 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



