| четврток, 6 декември 2018 |

На Париз му се заканува недостиг од леб

леб

На Париз во текот на летните месеци му се заканува недостиг од леб бидејќи има сè помалку и помалку отворени пекарници, а причината за ова е укинувањето на обврската на пекарниците да го пријавуваат својот годишен одмор во префектурата, тврди британскиот печат.

Како што јави дописникот на МИА од Париз, обврскате за пријавување на одморот од страна на пекарниците, воведена во 1790 година, беше укината пред неколку месеци со законот за поедноставување на функционирањето на претпријатијата. Сè досега секој пекар и пекарница, мораа да пријавуваат во префектурата кога ќе бидат затворени за да се спречи недостигот од леб.

Нешто слично како за аотеките, се спроведуваше еден систем на дежурство за пекарите, со што им се гарантираше минимален сервис на граѓаните.

Со измената на законот, некои британски весници, како „Дејли мејл“ и „Телеграф“, веднаш изразија стравување дека жителите на Париз ќе останат без леб. Овие два весника, кои вообичаено се подсмеваат со Французите, сега жалат поради тоа што „сликата на Французите со багет леб под раката ќе остане во минатото“.

Но, според Доминик Анракт од Комората на пекарите во Париз, проблемот не е недостигот од леб, туку недостигот од купувачи. Тие што го знаат Париз, знаат дека парижаните во август ја напуштаат престолнината и им ја оставаат на туристите, додава тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top