Во тек на грчката криза, канцеларката Ангела Меркел отпатува до западен Балкан. Нејзините посети на Белград, Тирана и на Сараево можат да се покажат повеќе симболички од навистина важни, но, пред сè, беа насочени на враќање на довербата и определбата за проектот на ЕУ.
Неуспехот на Грција како членка на еврозоната го доведе во прашање целиот процес на интеграција на европските земји; некои ќе забележат дека, всушност, пошол во рикверц. Грчкото фијаско посеа раздор меѓу финансиски здравите членки и евентуалните мрзеливци ,кои ја презираат контролата на буџетот и мерките за штедење. Исто така, заживеа европската германска жртва, со грчките обвиненија дека Берлин се обидува да доминира со континентот по цена на европската еднаквост.
Понатаму, грчкиот неуспех ја зацврсти позицијата не левите и на десните радикали во неколку земји, како и во самиот Европски парламент, кои тврдат дека ЕУ мора да се распадне и сите нации да си го вратат суверенитетот.
Без оглед на тоа дали Атина ќе ја напушти еврозоната или ќе остане уште некое време и ќе ги користи дополнителните фондови за спасување, Меркел е пред тешка дилема: дали треба Берлин да ги казни земјите што не се придржуваат кон правилата на ЕУ, така што ќе им ги скрати фондовите и така потенцијално ќе ја наруши стабилноста на Унијата или треба да се дозволи самите правила на ЕУ да станат толку приспособливи, што побогатите држави сè повеќе ќе ги негираат.
Погрешно е Германија да се доживува како држава што доминира со Европа, но истовремено погрешно е да се мисли дека Германија е слаб лидер бидејќи тоа дава поттик за распад на ЕУ. Со својата посета на Тирана, Белград и на Сараево, Меркел, пред сè, сакаше да му покаже на другиот дел на Европа дека германското лидерство е конструктивен фактор и дека проектот на ЕУ е сè уште жив и здрав, бидејќи многу земји и денес сакаат да се приклучат кон ЕУ.
Во тие калкулации западен Балкан има важна улога. Меркел има намера да оствари две клучни цели. Прво, сака да покаже дека вратата на Унијата останува отворена за потенцијалните нови членки, а второ, тие ако сакаат да влезат во Унијата, не смеат да се однесуваат неодговорно како Атина.
Иронично, токму на солунскиот самит на ЕУ во јуни 2003 година, беше ветен влез во Унијата на сите квалификувани држави од западен Балкан. И додека политиката на ЕУ останува верна кон таа цел, влезот на секоја заинтересирана држава, негативното искуство на новите членки Бугарија и Романија, како и низата нецелосни реформи во регионот, и понатаму ја забавуваат секоја земја што е кандидат.
Посетата на германската канцеларка, вистински лидер на ЕУ, праќа гласна порака за поддршка на Србија, Албанија и на Босна и Херцеговина. Меѓутоа, пораката на Меркел е одмерена бидејќи таа не сака да ги оддалечи од себе владите на земјите-членки, загрижени дека идното проширување може да значи и нови кандидати за спасување.
Меркел мораше да разјасни дека по грчкиот дебакл ЕУ нема да прима фискално неодговорни и длабоко корумпирани држави, кои, едноставно, ќе станат зависни од останатите членки и постојано ќе го црпат европскиот буџет. Албанија е таков случај, каде огромната корупција го руши владеењето на законите и ги успорува шансите за влез во ЕУ. ЕУ исто така не поздравува влез на земји кои се во судир, било внатрешен како БиХ или надворешен како Србија.
Затоа Меркел нагласува дека дијалогот меѓу Белград и Приштина мора да доведе до нормализација на односите меѓу државите. Преговорите на Србија околу влезот во ЕУ, секако, зависат од односите со Косово. Тоа не значи дека Белград мора да ја признае државноста на Косово, но мора да почне да го третира како посебна територија и да престане да се меша во неговите внатрешни проблеми.
Со економски ослабените Франција, Италија и Шпанија, како и Британија, која е подготвена да излезе од проектот, Германија неволно станува европски хегемон. Секој аспирант на членство во Унијата му се обраќа на Берлин да го забрза процесот на приклучување; Белград очајнички сака помош од Меркел за отварање на првите поглавја од европското законодавство, до крајот на годината.
Во секој случај Косово ќе остане јамка околу вратот на Србија, ако Белград не го следи примерот на Република Чешка, која во 1993 година едноставно ја пушти Словачка и така го забрза процесот за влез во Унијата. Последните разговори на релација Србија-Косово, не успеаја да произведат договор околу некои клучни прашања, вклучувајќи го статусот на четирите мнозински српски општини како и статусот на ОВК. Меркел повика на компромис кој би го запечатил Бриселскиот договор од април 2013 година.
Албанските лидери вршат притисок врз Меркел да ги поддржи преговорите за албанското членство во ЕУ, откако земјата минатата година доби статус на кандидат. Потенцирајќи дека Албанија прво треба ефективно да се бори против организираниот криминал и корупција, Меркел ги предупреди претседателот и премиерот да не ги предизвикуваат паналбанските демони, кои генерираат регионална нестабилност.
Во Босна и Херцеговина Меркел ја повика владата да ги продолжи социјалните и економските реформи, кои ќе отворат работни места и ќе ја приближат земјата до членство во Унијата. Иако бошњачките, српските и хрватските лидери потпишаа заедничка декларација во февруари, изразувајќи подготвеност за воведување на реформи кои ги предложија Велика Британија и Германија, Бања Лука во јуни во голем дел ја откажа својата согласност. На пример, претседателот на РС Милорад Додик изјави дека неговата влада одбива да го приватизира енергетскиот сектор.
Србија се движи кон третиот степен на преговорите, откако поработи на Договорот за стабилизација и приклучување, стекна статус на кандидат и испланира разговори за приклучувањето. Албанија исто така сака да го помине вториот степен во текот на идната година. А иако БиХ, конечно, појде и зачекори на првото скалило, ѝ недостига потребното единство и решителност да продолжи на тој пат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст