Готвач, келнер или продавач. Можеби слаткар, масер, шминкер или филигранист. Ова се само дел од најбараните професии на пазарот на труд за кои Агенцијата за вработување спроведува обуки со цел да се усовршат вештините за работа. Со тоа невработените ќе имаат повеќе шанса да најдат работа, а притоа за време на обуката ќе добиваат и надомест од околу сто евра. По успешно завршување на обуката, кандидатите ќе можат да полагаат испит за проверка и вреднување на стекнатите знаења и вештини пред Комисија, по што ќе се стекнат со соодветен сертификат. Најновиот оглас објавен деновиве ќе опфати обука на 220 невработени лица.
– Сите заинтересирани долгорочно невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување како активни баратели на работа, можат да се пријават за едно од занимањата: готвач, келнер, продавач, градежен работник за реновирање на традиционални куќи, фасадер, слаткар, изработувач на леб и на бели пецива, аргон заварувач, монтер и инсталатер на сончеви панели, туристичко-агенциски службеник, масер, шминкер, педикир/маникир, козметичар, филигранист, изработувач на накит од злато, асистент за грижа на стари лица во домашни услови, оџачар, домашен мајстор – информираат од Агенцијата за вработување.
Оттаму потенцираат дека обуките ќе се спроведуваат во период од четири месеци.
– Трошоците за месечниот надомест за учесниците во обуката во износ од 6.236,00 денари, со вклучено осигурување во случај на несреќа при работа и персонален данок на доход за секој учесник, ќе бидат покриени од страна на Агенцијата за вработување. По успешно завршување на обуката, кандидатите ќе можат да полагаат испит за проверка и вреднување на стекнатите знаења и вештини пред Комисија, по што ќе се стекнат со соодветен сертификат – нагласуваат од Агенцијата за вработување.
Инаку, надлежните потврдуваат дека освен од невработените, голем интерес за вклучување во овој проект има и од страна на фирмите. Досега се вклучиле околу дваесетина фирми, но се очекува одѕив и од други фирми.
– Во тек е спроведување на мерката Обука за задоволување на побаруваните занимања на пазарот на труд кај приватни спроведувачи на обука, во 17 занимања кои се спроведуваат во седум градови, со која треба да се опфати 181 лице – објаснуваат во Агенцијата за вработување.
Објавувањето на најновиот оглас за обука на побарувани занимања беше причина и министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, кој заедно со Агенцијата за вработување го објавува огласот, да упати повик до сите невработени да се вклучат во проектот.
– Ги повикам да се јават сите невработени лица кои сакаат да стекнат работно искуство во реални работни услови во самите компании, да се обучат на механизацијата и на машините кои функционираат во приватните компании за занимања и вештини, кои се побарувани на пазарот на труд. Со тоа ќе се зголемат нивните способности и вештините што ги поседуваат, а со тоа ќе се зголеми можноста за нивно вработување. За реализација на оваа мерка обезбедивме вкупен финансиски износ од 12.000.000 денари – изјави Спасов.
Компаниите што учествуваат практично и приватните провајдери што учествуваат во реализација на обуката ќе добијат максимум до 30.000 денари за едно лице, додека невработените лица кои ќе ја посетуваат обуката месечно ќе добиваат околу 6.200 денари во траење од четири месеци.
– Процентот на успешност е на задоволително ниво. Во оваа програма досега учествувале 970 невработени лица, а 436 се стекнале со работно место, односно процентот на успешност е околу 45 проценти, што е показател на успешноста на мерката и мотив и понатаму да продолжиме да ја унапредуваме. Годинава учествуваат 20 приватни компании, а очекувам наредната година да се приклучат поголем број кои ќе овозможат обука на невработените лица во реални работни услови – појасни Спасов.
Според директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, оваа година за првпат се приклучиле повеќе приватни провајдери кои со своите поквалитетни услови на обука овозможуваат да се добие поквалитетен кадар на пазарот, а дел ќе бидат и вработени во самите компании.
Инаку, јавниот оглас за изразување интерес на долгорочно невработени лица за учество, Обуки за вештини побарувани на пазарот на трудот Компонента 3, во рамките на постојаниот проект финансиран од ЕУ „Поддршка за вработување на млади лица, долгорочно невработени и жени (II)“ е објавен на 24.07.2015 г. во дневните весници и на веб-страницата на Агенцијата за вработување и Министерство за труд и социјална политика.
Оваа мерка се спроведува врз основа на годишни Оперативни планови од 2008 година. Вкупниот број на учесници е 1691 лицe, успешно завршиле 1487 лица, а постигнати се 59 отсто вработувања.
Од Агенцијата за вработување велат дека многуте програми и мерки од Оперативниот план 2015 се во тек или треба да почнат со реализација, а за резултатите од нивното спроведување ќе дадат оценка кон крајот на годината, по нивното завршување.
Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 152. број на неделникот „Република“, 31.07.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.