| четврток, 6 декември 2018 |

Штрајкот на метрото предизвика хаос во Лондон

Штрајкот на вработените во лондонската подземна железница, предизвика денеска сообраќаен хаос во британскиот главен град и големи турканици пред автобуските, железничките и такси-станиците.

stock-footage-london-june-electric-subway-train-moving-from-the-south-kensington-underground-station-of-the

Ова е втор штрајк на метрото во изминатите 30 дена.

Претходниот штрајк се одржа на 8 и на 9 јули и, исто така, предизвика хаотична ситуација во градскиот сообраќај и големи тешкотии во префрлувањето на лондончани, до и од работните места.

Овој 24-часовен штрајк почна во средата, во доцните попладневни часови и ќе трае до утре, рано изутрина. Штрајкот го организираат четири синдикални организации, откако управата на Лондонската подземна железница (ЛУ) и синдикатите, не успеаја да се спогодат за надоместот за персоналот на метрото и за возачите, за ноќните возови што треба да функционираат од идниот месец.

Последната понуда на управата на ЛУ беше зголемување на платите за сите во метрото за два отсто годишно, 200 фунти по ноќ за работа во ноќните смени и годишен бонус од 500 фунти за сите кои ќе работат во смените во текот на ноќта.

Градоначалникот на Лондон, Борис Џонсон ја поддржа понудата на управата на Лондонската подземна железница, означувајќи ја како исклучително дарежлива, но синдикатите ја отфрлија.

На гласањето на раководството, со големо мнозинство беше одлучено одново да се штрајкува. Синдикатите тврдат дека дури 80 отсто од членовите на синдикалните организации во метрото гласале за прекинување на работата и за неприфаќање на последната понуда на управата на ЛУ.

Просечната плата на возачите во метрото се движи околу 40 илјади фунти годишно, но заработувачката на добар дел од нив достигнува и до 50 илјади фунти, што е повеќе од онаа на низа универзитетски професори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top