| четврток, 6 декември 2018 |

НАЦИОНАЛНО ПОМИРУВАЊЕ

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Националното помирување е процес кој најчесто доаѓа по некоја голема граѓанска војна или воен конфликт, кога и двете конфронтирани страни по идеолошка, етничка или религиска линија се веќе тотално заморени од својата спротивставеност што им приредила само проблеми, страданија и мизерија. Тоа е почеток на експанзијата на разумот и објективноста, преку кои доаѓа до многу појасно согледување на позициите на другиот и до воспоставување на една емпатијска свест.

Така, спротивставените страни ќе ги препознаат своите проблеми и фрустрации кај другиот, а сентиментот на конфликтноста, полека, но сигурно, исчезнува од емоционалната и интелектуалната перцепција.

Да се дојде до ова ниво на свест не е така лесно како што делува на прв поглед, од некој ракурс на теоретското или, пак, хипотетичко мудрување од позицијата на филозоф од кула од слонова коска. За да се случи националното помирување потребни се големи усилби да се застане наспроти своите убедувања. Барем за момент, критички да се анализираат постулатите на нашиот политички и социјален светоглед. И кога во еден момент ќе ги видиме сите тие потфати на нашето општествено битие од одредена дистанца што подразбира непристрасност, тогаш сме спремни да се надминеме себе си и нашата самољубива себичност, нашиот егоизам и самобендисаноста.

Кога ќе го совладаме стравот од бедната слика за себе си, тогаш веќе имаме шанса за вистински исчекор, за прифаќање на мизеријата на другиот, да му простиме како што си проштеваме себи си за несовршеноста, за вкоравеноста на веќе нефункционалните ставови, за нашата малициозност и тенденциозност и, конечно, да се здружиме во една синергија во која ќе ја повратиме разборитоста, возвишеноста, достоинството, смиреноста и креативноста.

Голема грешка на противниците во политичката борба е подадената рака да биде сфатена како слабост на опонентот или како манифестација на дефетизам кај истиот.

Оваа грешка беше направена во 2011 година, годината на големите успеси на македонските екипни спортови на интернационалната сцена, кога премиерот на републикава, Никола Груевски, во својот говор по повод 20-годишнината од независноста на државата, на опозицијата и на народот им понуди национално помирување. Тогаш фрустрираната опозиција на најнедоличен начин, со индигнација и потсмев, го одби овој доблесен предлог на претседателот на Владата на Република Македонија.

Можеби денес, откако опасно заглибија со своите небулозни стратегии и идиотски, скоро криминални тактики, жалат за оваа пропуштена можност, но сега веќе бреговите што ги делат опонентите се прилично оддалечени и тешко е да се пронајде платформа на интерес која би ги задоволила двете страни.

По тој предлог, кој дојде како постизборна добра волја на владејачката елита и по циничното одбивање на галантниот и вистински државнички потег на владетелот, бродот на опозицијата фати прилично несигурен и рискантен курс, доаѓајќи до опасните води на катастрофата.

И, навистина, нивните позиции стануваа сè послаби, рејтинзите паѓаа заедно со исчезнувачката доверба на електоратот. Секои наредни избори беа сè поразочарувачки за нив, губитоците на гласови стануваа сè поголеми и поголеми од избори до избори, за на последните, организирани во април минатата година, опозицијата да изгуби со енормна разлика од преку 200 000 гласови. Овој дебакл на конкурентската партија не беше никакво спектакуларно изненадување за јавноста и за политичките аналитичари. Единствено раководството на опозициската партија беше шокирано од резултатите и реши да се затвори во својот солипсистички свет, да инсценира изборен криминал, иако беше длабоко инволвирано во мониторингот на изборниот процес, а тука беа и бројните меѓународни, како и домашни надгледувачи, задолжени за исправноста и правилнтото менаџирање на изборите. Конечно, официјалниот извештај за добро и коректно спроведените избори дојде од најкомпетентните и најавторитарните фактори во меѓународната политика.

Но сега, сето ова е минато. Сепак, до безумие исфрустрираната опозиција во целиот свој очај, креативна импотентност и безидејност, влезе во една, по нив кобна, авантура, посегајќи по методи на политичката борба што длабоко заоѓаат во зоните на криминалот.

Овој настап на експонирање на приватните контакти на претставниците на владејачката гарнитура пред јавноста, добиени на шпиунски начин, а, притоа, манипулирани, монтирани и проследувани со тенденциозен инкриминирачки наратив, се, всушност, одраз на тоталниот морален банкрот на опозициското раководство.

Скоро и да немате ваков пример во современата политика во светски рамки како овој бессловесен и крајно недостоинствен тип на водење политичка борба во едно цивилизирано и демократско општество. Ова е тотално губење на пристојноста, гест на индивидуи, во кои народот препозна манијаци и гангстери, луѓе кои не само што не треба и никако не заслужуваат да им се довери таква одговорност, како што е водењето и управувањето со државата, туку огромен дел од македонската јавност со голема зачуденост се прашува – „Зошто овие криминални карактери сè уште се инволвирани во политичкиот процес во земјава, а не се во затвор или, барем, маргинализирани и изолирани од сите афери на политичката сцена?“

Но, ова е чудна земја, каде народот покажува енормно трпение и толеранција. Сепак, кога доаѓа време за определување на волјата на граѓаните преку единственото демократско средство за ова – изборите, тогаш тој искрено си го кажува својот став.

Мислам дека и покрај сè, позицијата е сè уште спремна за национално помирување. Раката и понатаму е подадена. Ова е последната шанса на една политичка опција во Македонија да ја прифати оваа спасоносна прилика, и за народот, и за нив. Доколку не бидат доволно умни да ја прифатат оваа можност, тогаш нивното изчезнување од политичката сцена е многу извесно.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top