| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ намени 17 милиони евра за Македонија и за Бугарија за прекугранична соработка

Europaflagge

Македонија и Бугарија имаат на располагање 17 милиони евра од фондовите на ЕУ во рамки на новата Програма за прекугранична соработка на ИПА за соочување со заеднички предизвици.

Средствата од Програмата, што беше усвоена вчера од ЕК, се наменети за мерки за соочување со влијанието на климатските промени, како и за прашања што се однесуваат на заштита на природата и на биодиверзитетот, одржливо користење на природните ресурси, заштита на животната средина и менаџирање со ризици на прекугранично ниво.

Како што се наведува во соопштението од ЕУ, клучниот фокус на програмата е, исто така, ставен и на заштита на локалитети означени како природно и културно наследство во регионот. Финансирањето ќе помогне и за зајакнување на конкурентноста на малите и средните претпријатија и ќе го олесни нивниот пристап до нови пазари.

– Програмите за прекугранична соработка зависат од силната волја на земјите-учеснички заедно да искористат ресурси за справување со заеднички предизвици. Преку соработка во областа на животната средина, туризмот и конкурентноста на малите и средните претпријатија регионот ќе може да ја зголеми својата атрактивност за привлекување туристи и инвеститори. Им посакувам на двете земји успех во востановување на соработката, како и во поддршката на проекти кои ќе ги нагласат силните страни на регионот – изјави Корина Крету, комесар за регионални политики.

Со Програмата за прекугранична соработка на ИПА ќе бидат опфатени два погранични региона во Бугарија – Благоевград и Ќустендил, и три региона во Македонија – североисточниот, југоисточниот и источниот регион. Приоритети на програмата се: животна средина, одржлив туризам и конкурентност.

Вкупниот буџет за Програмата изнесува 19,46 милиони евра, од кои околу 17 милиони евра (16,54) се од Инструментот за претпристапна помош.

Инструментот за претпристапна помош дава финансиска и техничка помош за поддршка на реформите во земјите-аспиранти за членство во ЕУ со што се надградуваат капацитетите на овие земји и се овозможува развој на регионот. За периодот 2014-2020 ИПА-инструментот има буџет од околу 4,84 милијарди евра кои ќе бидат инвестирани во 12 програми за прекугранична соработка меѓу региони, како и територијални, општествени и економски партнери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top