Шота Арвелаѕе и Трабзонспор ќе бидат под огромен притисок вечерва од 19 часот на реваншот со македонскиот претставник Работнички. Турците се богат клуб со играчки кадар што е проценет на повеќе од 100 милиони евра, но и со незгоден резултат од Скопје и пораз од 0-1, со лоша атмосфера во тимот и со ривал кој е релаксиран и нема што да загуби, бидејќи е аутсајдер.
Арвелаѕе беше под баражен оган и на прес-конференцијата пред реваншот, а речиси и да немаше одговор, зошто тим што вреди над 100 милиони евра има играчи што играат слабо и се тепаат меѓусебе.
Во Скопје голманот Онур Киврак бесен си замина за Истанбул и не бранеше по инцидентот со спортскиот директор и со тренерот Арвелаѕе, а по мечот во соблекувалната на гостите од Турција имаше вистински бокс меч меѓу Констант и Демир.
„Не знам зошто немаше добра атмосфера во тимот во Скопје. Работнички е сериозен ривал, иако е многу послабо рангиран од нас и веројатно има многу помал буџет. Ни докажаа дека не е се во парите и очигледно е дека тие не ве прават среќен. Сакам играчи кои ќе му бидат верни на клубот и кои ќе гинат за боите на Трабзонспор. Ако биде таква атмосферата во реваншот ќе немаме проблеми да се пласираме во следното коло“, рече Арвелаѕе.
Трабзонспор има големи ѕвезди од калибарот на Кардозо, Констант, М`Биа, Каванда…, но како што вели Арвелаѕе не е се во парите. Работнички со одлична партија фудбал го потврди тоа во Скопје, а македонската спортска јавност посакува уште една романтична епизода на најуспешниот наш клуб на евросцената и вечерва во Трабзон од 19 часот.
Подобриот од двата состави ќе игра плејоф рунда за настап во Европа Лигата на УЕФА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



