Македонија ги живее најжешките денови. Топлото време ги затвори граѓаните во домовите, а големите градови се претворија во топлински острови. Најголема опасност им се заканува на оние што живеат во центрите каде што температурата е секогаш за неколку степени повисока од онаа официјалната. Поради жешкото време, Владата донесе вонредни мерки со кои бремените жени и лицата над шеесет години кои имаат хронични болести се ослободени од работа. За оние кои сепак, мора да ги извршуваат работните обврски, останува препораката да ги почитуваат советите на лекарите. Никако надвор на сонце без капа на главата, советува д-р Јованка Костовска, претседател на Комисијата за климатски промени во Министерството за здравство.
Целото интервју може да го погледнете на следниот линк.
Што велат податоците, дали граѓаните се придржуваат на препораките од Министерството за здравство?
КОСТОВСКА: Ме радува тоа што граѓаните навистина се придржуваат на препораките на Министерството за здравство, и не само оваа година, туку и неколку години наназад. Тоа го забележавме токму поради намалениот број на штетни последици од топлото време што ги имаме на годишно ниво. Мислам дека тоа е резултат на овие интензивни кампањи што се промовираат по медиумите. Посебно се придржуваат старите лица, кои се научија до 10-11 часот да ги завршуваат обврските и потоа останатиот дел од денот седат дома, пијат повеќе течности, лесна храна, лесно се облекуваат, ја земаат пропишаната терапија и постојано прашуваат за совети на нашите телефони.
Како да се преживеат горештините? Владата донесе вонредни мерки поради жешкото време со кои бремените жени и лицата над шеесет години кои имаат хронични болести се ослободени од работа, сепак, останува еден поголем дел од популацијата која мора да ги заврши работните обврски. Има најави дека жешкото време ќе продолжи. Како да се заштитат?
КОСТОВСКА: Податоците што ги добиваме од Хидрометеоролошкиот завод се дека топлото време ќе продолжи. Ќе ја следиме состојбата и понатаму. Ранливите категории се ослободени од работа и во зависност од температурата ќе ѝ препорачаме на Владата и дополнителна мерка за да се продолжи препораката за бремените жените и за лицата над шеесет години со хронични болести. А за оние што мора да одат на работа, препораките остануваат исти: во работните места, работодавачите, ако е возможно да обезбедат клима-уреди или вентилатори. Вентилаторите може да помогнат до температура до 35 степени. Над оваа температура нивната улога не е доволна. Во домашни услови да си постават темни завеси, да ги спуштат ролетните, да ги вклучат клима-уредите. Најопасно е директното изложување на сонце, посебно во периодот од 11 до 17 часот. Ќе слушнете од многумина дека по 17 часот им е уште потешко. Тоа е така бидејќи земјата е загреана и чувството на топлина е уште поголемо. Но, за среќа, тоа не е толку штетно по здравјето на организмот како што е штетно директното изложување на сонце. Ако мора да излезат, задолжително е да се има капа на главата, бидејќи изливите или мозочните удари се резултат на директната изложеност на сонце. Задолжителни се и очила за сонце, консумирање многу течности и кога не се жедни, лесна облека, разладување.
Македонија е една од ретките земји во регионот која има акциски план за толото време. Што содржи тој?
КОСТОВСКА: Акцискиот план го донесе Владата, а го подготви Министерството за здравство со другите надлежни министерства. Во согласност со акцискиот план, има четири фази со точно запишана температура според која се одредува во која фаза спаѓа земјата. Првата е зелена или подготвителна фаза, потоа е жолта или алертна фаза, третата е портокалова фаза или фаза на топлотен бран и последната е црвена фаза или вонредна состојба, која досега не се случила. Со акцискиот план е точно одредено што треба да преземе одредена институција во секоја од фазите. Според надворешната температура точно се знае во која фаза се наоѓа секој регион од државата. На пример, ако за Скопје и скопскиот регион жолта фаза е 39 Целзиусови степени, за Берово и Охрид жолта фаза е 36 степени. Во последните неколку години најмногу сме стасале до портокаловата фаза. За портокалова фаза во јули во Скопје треба да има 41 или 42 степени.
На овие жештини можни се и мозочни удари. Кои лица страдаат најмногу?
КОСТОВСКА: Најмногу страдаат постарите хронично болни лица, бидејќи нивните крвни садови се оштетени и подложни на негативното влијание од топлото време. Имаме такви случаи и ова лето и затоа препорачуваме старите и хронично болни лица редовно да си ја земаат терапијата. Освен хронично болните лица и трудниците, ранливи групи се и лицата што работат на отворено – градежните работници, оние што асфалтираат по патиштата кои, иако се помлади, бидејќи подолго време се директно изложени на топлото време, кај нив ризикот од мозочен удар е поголем. Во ризични ранливи групи се и бездомниците.
Поставени се и здравствени пунктови низ државата. Дали граѓаните ги користат нивните услуги?
КОСТОВСКА: Откако почнаа да функционираат овие пунктови, од 7 јули, се јавиле над десет илјади луѓе. Луѓето бараат совети за своето здравје, мерат крвен притисок, прашуваат како да се заштитат од топлото време, се интересираат за начинот на исхрана.
Кои се симптомите на топлотен удар?
КОСТОВСКА: Топлотниот удар е најтешката состојба која се јавува како негативна последица од топлото време и директното изложување на сонце. Како полесна форма се јавува во вид на исцрпеност, оток на нозете, исип кај малите деца, потоа колабирање или моментален колапс. Топлотниот удар се манифестира со изнемоштеност, малаксаност, зашеметеност, главоболки, повраќање, грчеви, покачена телесна температура до 40 степени. Тоа значи дека организмот во тој момент бил толку изложен на топлото време, што изгубил можност за терморегулација. Нарушена е терморегулацијата на организмот и затоа температурата се искачува на 40 степени и пациентот е во лоша состојба што може да заврши со шок, да изгуби свест. Таквите пациенти треба да се препознаат навреме и ако е возможно веднаш да им се помогне, веднаш да се транспортираат до итна медицинска помош.
Граѓаните се обидуваат да се разладат на различни начини. Што не треба да прават? Кои се најчестите грешки што ги правиме кога сакаме да се разладиме?
КОСТОВСКА: Првата грешка што најчесто ја правиме е тоа што сакаме да пиеме ладни пијалаци со многу мраз. Да, тоа може, ама ако сме приспособени и ако се наоѓаме во просторија со нормална температура. Ако доаѓаме однадвор, вжештени, загреани, ладен пијалак со многу мраз може да предизвика состојба на шок. Дозволено е да се пијат ладни пијалаци, но не премногу. Најлоша комбинација е загреано тело со ладен пијалак. Втората грешка е климатизираната просторија. Знаеме да го наместиме клима-уредот на 18-20 степени, а потоа излегуваме надвор на 38-39 степени. Идеално е кога просторијата би била климатизирана на 26-27 степени. Третата најчеста грешка е за време на летните одмори. Помладите имаат обичај да се фрлаат во студена вода. Се препорачува прво да се олади со вода пред да се влезе во базен, езеро или море, бидејќи се можни грчеви, давење или инфаркт.
Зошто овие 40 степени кои сега ги живееме ни се потешки за преживување од пред 20-30 години кога исто така било долго топло лето?
КОСТОВСКА: Постарите ќе кажат – тогаш можеби бевме помлади, повеќе издржувавме. Но, на овие температури се жалат сите – и младите и старите. Тоа е сигурно резултат на озонските дупки и на директното зрачење на УВ зраците. Сончевите зраци сега се чувствуваат многу поинаку на телото, како да пржи, да пече, за разлика од порано кога помалку се чувствувале. Затоа и овие денови велевме дека иако е 36-37 степени, чувството е како да има 42 Целзиусови степени. Многу повеќе штетни ефекти има во урбаните средини. Ова сонце со 38 степени во некое планинско село нема толку да направи проблеми, попријатно е отколку во градска средина каде што асфалтот се вжештува, има поголемо испарување и зрачење и чувството е како да има 44 Целзиусови степени. Затоа луѓето многу повеќе се жалеа и затоа презедовме мерки и решивме да ги ослободиме од работа ранливите категории и трудниците во овој период.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст