Со добивањето сертификат за трговска маркичка од Агенцијата за брендирање прехранбени артикли, дебарските сточари официјално го заштитија како посебна марка своето бело овчо сирење.
– Конечно добивме сертификат со кој, официјално, нашето сирење, кое го произведуваме на традиционален начин, стана заштитена марка и ќе го носи името „дебарско бело овчо сирење“. Под ова име отсега ќе го пласираме сирењето произведено од сточарите од двете наши општини – изјави Скендер Аме, претседател на Здружението на сточари од општините Дебар и Центар Жупа „Даши“ (Овен).
Според него, досега многу региони во Македонија правеле манипулации со дебарското традционално сирење, прикажувајќи го како галичко, пелагониско,…
– Сега, откако го довивме сертификаот, планираме да одржиме работилница за обука на сточарите за почитување на критериумите што треба да се земат предвид во текот на производството на сирењето. Традионалниот начин во нашиот крај има посебни специфики и правила и тие треба строго да се почитуваат – нагласи Аме.
Во дебарскиот регион, кој има богати пасишта со околу 40.000 грла ситен добиток, годишно се произведуваат повеќе од 350 тони сирење, познато по својот квалитет.
Како што истакна Аме, благодарение на субвенциите што ги дава државата, сè поголем е интересот на сточарите за зголемување на нивните стада. – Споредено со претходните две години, бројот на грлата е зголемен за 10 отсто. Со ова, како и со добиената марка, очекуваме зголемување не само на бројот овци, туку и на бројот на сточарите – рече претседателот на Здружението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



