По многуте поддржани настани во музичко-сценската дејност од почетокот на 2015-та – претставувања на институции и поединци на фестивали, манифестации, гостувања и натпревари во странство, Министерството за култура најави уште неколку значајни меѓународни музички настани што ќе се реализираат до крајот на годинава и ќе ја промовираат македонската музичка култура во светот.
Етногрупата „Синтезис“ по реализираните концерти во јули во шведскиот град Малме, овој месец ќе гостува во Минделзел, Баварија, СР Германија. Идниот месец (24 септември), во концертната сала „Taipei Genesis Chamber and Guitar Orchestra“ во Тајпеј, концерт ќе одржи гитаристот Дарко Багески. Концерт е премиерно претставување на македонскиот солист на класична гитара во Тајван и е можност за промоција на македонскиот музички потенцијал за публиката во тој дел на светот.
Со поддршка од Министерството за култура, Мандолинскиот оркестар при Младинскиот културен центар од Скопје од 11-ти до 14 септември ќе учествува на меѓународниот музички фестивал за хорови и оркестри „Wien Music Festival“ во Виена.
Богата музичка програма е најавена во октомври: Оркестарот на Македонската филхармонија во октомври ќе одржи концерт со Дуке Бојаџиев во „Карнеги хол“ во Њујорк, кој е резултат на нивната претходна успешна соработка во проектот „Love is the way“ и заедничкиот концерт во февруари во Скопје.
На Светското првенство во модерни танци, пак, кое ќе се одржува во Милано од 20-ти до 25 октомври, ќе учествува Студиото за модерни танци „Брејк а лег“ од Скопје, кое ќе ја претставува нашата држава во конкуренција на учесници од 40-ина земји.
Амбасадорот на македонскиот фолклор – ансамблот „Танец“ со поддршка на Министерството за култура, исто така во октомври, ќе го реализира вториот дел од „Балканската турнеја“, во чии рамки ќе одржи повеќе концерти во Нови Сад, Белград, Бијело Поље и Бар.
Во ноември во Санкт Петербург, на меѓународниот натпревар „Сребрен камертон“, Република Македонија ќе ја претставува младиот виолинист Александар Иванов, ученик во прва година во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. На натпреварот учествуваат ученици и студенти од најдобрите училишта во Москва, како и членови на комисија од Конзерваториумот „Чајковски“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст