| четврток, 6 декември 2018 |

Исламска држава е сѐ поголема закана во очите на Москва

Русија нема стратегија за борба против организацијата Исламска држава (ИД), и за зачувување на своите интереси на Блискиот исток. Но од нејзиното учество во конфликтот, може да зависи судбината на Донбас, пишува московски „Росбалт“.

Борбата против ИД во Русија се споменува како неопходна, но само неколку месеци наназад, иако Врховниот суд ја прогласи организацијата за терористичка и ја забрани нејзината активност во земјата уште во 2014 година. Но од неодамна кај руското раководство преовладува општото мислење за ИД дека е единствената регионална закана на Блискиот исток. Москва не сака да ја признае и за една од главните меѓународни закани – затоа што и самата Русија со своите дејствија во Украина во очите на западот не е поразлична од ИД. А според некои американски официјални лица, дури е и поопасна.

И така, на почетокот на јули, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на средбата на Брикс призна дека ИД се закана и за Русија, и за Европа и САД, и тоа бара заедничка борба со тоа зло. Пред тоа го разгледувале проблемот со шефот на Стејт департментот, Џон Кери – а потоа омекна и официјалната американска реторика на адреса на Москва.

Русија беше принудена да преговара по веста дека ИД ги прогласила севернокавкаските републики за свои „вилаети“. Руските власти со сигурност се тревожат и заради обемните врбувања кои во земјата ги водат џихадистите. Според податоци на тајните служби, тие во Русија собрале веќе 2000 лица, а најскандалозен беше случајот со Варвара Караулова – студентка на Московскиот универзитет која пребега кај исламските радикали. Според некои информации, токму степенот на руско учество во решавањето на конфликтот со ИД ќе ја определи подготвеноста на САД да прават остатпки во врска со Украина, а посебно со Донбас. За „глобална размена“ навистина се зборува – тој впечаток доаѓа од се поочигледните напори на руски службени лица, а и на разни есперти, кои на почеткот на јули започнаа дискусии како да се делува против ИД.

Но ништо чудно властите едноставно да се насочат кон смена на надворешнополитичкиот дневен ред, обидувајќи се да го привлечат вниманието на луѓето во Русија од веќе зацврстената „западна“ закана кон „исламската“.

Неодамна проблемот со ИД беше разгледуван на неколку официјални нивоа – во Државната дума, во владата и тн. А пратеникот од „Праведна Русија“, Олег Нилов, пред министерот за внатрешни работи го изнесе предлогот Русија да побара пред Советот за безбедност на ОН создавање на меѓународен трибунал за Исламска држава.

Дебатите во владата ги допираат најмногу механизмите за контрапропаганда и методите со кои ќе се спречи врбувањето на руски граѓани од исламките радикали кои имаат за цел да ги одведат на Блискиот исток или да создадат свои ќелии во Русија. Државната дума во вторникот организираше експертско заседание на државниот совет „Отворена трибина“, а дискусијата стигна до заклучокот дека треба да се разработи нова стратегија за борба против ИД.

Забележлива беше изјавата на претседателот на парламентот, Сергеј Наришкин, кој ја нарече ИД „светска закана на 21-иот век“. А водачот на либералдемократите, Владимир Жириновски, кој според мнозина е неофицијален играч на Кремљ, изјави дека ИД била создаден со цел да нанесува удари против „Русија, Кина и Европа“.

Исламска држава и се заканува на Русија со можност преку нејзината територија земјата да биде вовлечена во војна на два фронта, смета лидерот на на Либерал-дмократската партија. Тој цитира некакви извори според кои за две години Германија и „вооружените борци од Украина“ ќе започнат „директна војна“ против Русија, „за да се отцепат и да добијат право на самостојност од САД“.

– Планот Барбароса е потпишан, а после ние веќе ослабени ќе ја изгубме средна Азија заради ИД“, рече Жироновски.

Но во неговата прогноза се посомневаа некои експерти, кои за разлика од политичарите сметаат дека Русија неспорно не смее да се вклучува во „отворена војна“ со исламските радикали. Уште повеќе што јадрото на ИД е сега „доста ослабено“ и едвај и останале околу 30 илјади борци, како што убедува претседателот на Институтот за Блискиот исток, Евгениј Сатановски. А во Задкавказието може да има проблеми со исламистите само ако ги финансира некој од надвор, на пример Катар, дополни експертот.

Слаба точка во заштитата на Русија од ИД всушност беа истакнати лошо обезбедените граници во средна Азија – авганистанско-туркменистанската и таџикистанската. Ситуацијата може да се влоши и заради влегувањето на Киргистан во Евроазиската економска заедница. „Проблемот за нас се сепак ситуацијата во северен Кавказ, исламската организација во Узбекистан, и отстапките на исламистите пред властите со оглед на идното системско пријателство“, посочи Сатановски.

Други експерти се убедени дека Русија треба да ги обнови своите врски со ирачките и сириските курди, да продолжи поддршката за режимот на Асад во Сирија, или да се усмери кон умерените исламистички организации од регионот, како што тоа го прави Израел. Но ќе ја цитираме и Елена Супонина, советник на директорот на блискиот до претседателската администрација Руски институт за стратешки истражувања – според нејзини зборови, Русија, но не и некоја друга држава, ниту пак целата коалиција од држави, нема како да го изгаси пожарот на Блискиот исток. Русија може најмногу „да се огради од процесите за истите да не се префрлат на нашата територија“.

– Не смееме да навлегуваме длабоко во проблеми и конфликти. Ни требаат ограничени контакти во рамките на дипломатијата и социјалното потпомагање, смета Супонина.

Според експертите, имено дејствијата на САД биле катализатор за негативните процеси на Блискиот исток, кои во идната деценија ќе доведат до прекројување на границите во целиот регион. Но изгледа дека руските власти немаат стратегија со која ќе ги бранат интересите на Русија и ќе ги зацврстат позициите на Блискиот исток – како што немаат и јасен план за борба против самите радикални исламисти. Неслучајно средбата во Думата мина без претставници од министерството за надворешни работи, кое е должно за ваквите идеи да дадат одговор на поставени прашања. Наришкин впрочем рече дека едноставно било одлучено да не се канат претставници од таа структура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top