Најсовремена, високоавтоматизирана еколошка леарница за производство на делови за автомобилската индустрија ќе гради компанијата „Кранфилд Фаундри“ во Пробиштип. Оваа најнова странска инвестиција вредна 15 милиони евра, која треба да отвори 280 вработувања, е официјализирана денеска, со договорот што го потпишаа менаџерскиот тим и ресорниот министер Бил Павлески.
Проектот ќе зафаќа површина од околу осум хектари, а ќе се состои од производствен погон и административна зграда на 15 илјади метри квадратни. Производството треба да почне за најдоцна една година.
– Оваа инвестиција ја најавивме пред еден месец и денеска веќе го потпишуваме договорот. Ова е уште една потврда за нашата работа и за нашите напори да донесеме што повеќе инвестиции во Македонија и да отвориме што повеќе работни места, рече премиерот Никола Груевски.
Според него, инвестицијата се реализира токму во Пробиштип за да се зголеми вработеноста. Во оваа насока беше и отворањето на новата фабрика за акумулатори „Таб Мак“ минатата година.
Владата ќе помогне во изградбата на потребната инфраструктура во индустриската зона Пробиштип каде што ќе биде сместен новиот погон на „Кранфилд Фаундри“.
Многу е важно, нагласи Груевски, што „Кранфилд Фаундри“ покрај ова вложување, најавува и дополнителна инвестиција поставување втора производствена линија до 2020 година што ќе значи отворање дополнителни работни места.
– Овој инвестициски проект за Пробиштип и околината ќе значи не само зголемување на вработеноста, туку и вложување во човечки капитал преку обуки и трансфер на знаења, зголемување на извозот и поттик на домашното стопанство со креирање мрежа на локални добавувачи кои дополнително ќе придонесат за раздвижување на локалната економија, истакна министерот Павлески.
Како што рече извршниот директор на компанијата Дарио Џуба, менаџерскиот тим пред да дојде во Македонија, разгледал неколку локации во Европа, главно во балканскиот регион.
– Оценивме дека Македонија е најсоодветна за бизнис поради местоположбата, лесниот пристап до европските пазари и погодностите што ги нуди, особено поддршката од Владата, конкурентните трошоци за градба и квалификуваната работна сила, рече Џуба.
„Кранфилд Фаундри“ е компанија основана од руски капитал, дел од бизнис групата „Кранфилд“ во семејна сопственост чии основачи имаат долга традиција во металургискиот сектор во Русија.
Леарницата во Пробиштип ќе ја гради холандската компанија „Гемко“ во соработка со македонска фирма.
„Кранфилд Фаундри“ денеска ја поднесе изготвената студија за влијанието на леарницата врз животната средина во надлежното Министерство. Паралелно со подготовките со изградбата на објектот, како што рече извршниот директор, ќе се работи и на подготовка на тимот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сестрите кои исчезнаа во Пробиштип се пронајдени во Крушево
-
Министер од актуелната влада во Пробиштип агитира во изборен молк
-
Груевски ѝ порача на власта: Вие не може да го уништите ВМРО, сте се фатиле на погрешно оро
-
Пробиштип: 11-годишно девојче се сликало разголено па било уценувано од возрасен маж