| четврток, 6 декември 2018 |

Коњаниците тргнаа кон Крушево (фото)

Од паркот „Јане Сандански“ во општина Аеродром 25 коњаници вчера тргнаа кон славното Крушево, каде што треба да се приклучат на прославата на најголемиот македонски национален празник – Илинден.

konjanici11

Градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски, изјави дека општината ја помага оваа манифестација веќе неколку години и ќе продолжи и натаму да ја негува традицијата, бидејќи Илинденскиот марш е најголемата и најзначајната културна манифестација во Аеродром.

konjanicii22

Тој на коњаниците им го предаде општинското знаме, со што официјално стартуваше 37. традиционален коњички марш што го организира Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“.

Коњаниците придружувани од фаланга составена од дваесетина членови, игроорци од КУД „Никола Јонков Вапцаров“, со звуците на зурлите и тапаните се упатија кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, минувајќи низ главните булевари на општината отпоздравувани од голем број граѓани, кои спонтано застануваа да ги испратат коњаниците или да им се придружат во колоната.

konjanici33

Пред свеченото испраќање на храбрите коњаници од Горно Лисиче, кои се на возраст од 15 до 60 години, во црквата „Св. Петар и Павле“ се одржа свечена литургија, на која високи свештеници од Македонската православна црква им дадоа благослов на патот кон Крушево.

Пред испраќањето на илинденците се организираше свечена музичка програма каде настапија познати македонски естрадни уметници.

konajnici44

Меѓу оние што дојдоа да ги испратат коњаниците беа и високи претставници на политичката елита во државата, пратеници, советници и други претставници на локалната самоуправа.

Во испраќањето на коњаниците кон Крушево, се вклучи и Општинската организација на Црвен крст „Кисела Вода“ која во дворот на црквата  „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче одржа крводарителска акција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top