Најмалку 12 луѓе загинаа денеска во напад на двајца бомбаши-самоубијци на еден базен преполн со луѓе во северниот дел на Ирак.
Во нападот извршен во градот Туз Кармата, околу 175 километри северно од Багдад, се повредени 45 лица, а повеќето жртви се шиити од етничката заедница Туркмени.
Градоначалникот Али ал-Хуасаини и полициски извори потврдија дека еден бомбаш-самоубиец го активирал елекот со експлозив во базенот каде десетици мажи и деца се разладувале поради летните горештини.
Другиот бомбаш-самоубиец го активирал експлозивот на мотор на влезот од базенот, додека полицијата и спасувачките екипи ги евакуирале преживеаните.
Болнички извори наведуваат дека бројот на жртвите би можел да се зголеми, бидејќи повеќето од повредените се наоѓаат во критична состојба.
Засега никој нема преземено одговороност за нападот, но екстремистите на групата Исламска држава (ИД) неодамна започнаа серија бомбашки напади во Багдад и други ирачки провинции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.