Работнички ќе биде аутсајдер против Трабзонспор по многу параметри на фудбалската игра, но „романтичарите“ не се плашат од предизвикот. Најуспешниот македонски тим на евросцената во новиот милениум ќе биде во улогата на Давид против Голијат од Турција, а подвиг би значел повторување на најдобриот клупски резултат во Европа и втор настап во плејоф-двомеч за пласман во Лигата на Европа на УЕФА.
Пред четири години калчолигашот Лацио беше превисока пречка за дебармаалци во завршната филтер-рунда пред настапот во фазата по групи во ЛШ, а овој пат треба да се помине и Трабзонспор за да се игра нов двомеч за остварување на сонот.
Разликата меѓу двата состави е голема, ако се погледнат и вредноста на составите и традицијата и квалитетот на двете првенства и во многу други статистички категории. Тимот на Трабзонспор според проценките вреди над 100 милиони евра, тој на Работнички повеќе од десеткратно помалку. Турскиот фудбал е неколку класи над нашето првенство, па јасно е кој е фаворит.
– Познато им е на сите кој е Трабзонспор во турскиот и европскиот фудбал. Ние ќе ја имаме улогата на аутсајдери, но не им се плашиме. Ќе играме во свој стил, офанзивно, па кој е подобар нека оди понатаму – вели Баже Илијоски.
Тој со гол во петтата минута го растури планот на Јелгава да се брани во реваншот во Скопје, а Сахити десетина минути подоцна стави печат на победата од 2-0 и на пласманот на Работнички во третото квалификациско коло.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.