| четврток, 6 декември 2018 |

Договорот е еднократен демократски чин

Jovanka-Kepeska-kolumna

Колумнист: проф. д-р Јованка Кепеска

Како граѓанин сум целосно заинтересирана животот во мојата земја да има посакуван правец на развој. Затоа неодамнешниот политички договор го очекував, и тоа и се случи, како надраснување на кризната состојба и надминување на застојот во напредокот на Македонија.

Кога даваме општ приод кон договорот за разрешувањето на постоечката политичка криза секако дека тоа е договорот кој ја надминува ситуацијата во која се имплицираа барањата на опозицијата. Како таков тој е демократски. И мора да се сфати во најдените решенија, во еден еднократен чин и, како еднократно разрешување на актуелната криза. Од уставно правна гледна точка, кога се друго останува во сила, притоа навестена е само една измена во Уставот. А тоа е воведувањето на Влада за спроведување на избори (техничка или под друг наслов), како постојано решение. Во исто време, тоа подразбира дека ваквото следење на практики на внесување на кризни состојби, секојпат одново во општеството што бисе разрешувале на истоветен начин, станува дефинитивн, неприфатливо.

Во овој случај, иако се водат дискусии, потребно е да се отфрлат прашањата околу тоа дали при постигнувањето на договорот е дезавуирано Собранието бидејќи се превидува фактот дека тоа не функционира како целовит политички репрезент со отсуството на СДСМ од неговата работа. Причината поради која рарешувањето на политичката криза мораше да биде како изнуден чин. А на сите ни е јасно и зошто се случи тоа, иако можеше да се одвива во Собранието и без било какво медијаторство.

Сепак, она што го квалификува договорот како демократски, произлегува од препознавањето на проблемот и пристапот кон неговата разрешница, без математичка калкулација на престижност на одделните партии во тоа. Се појде од клучните точки, како приоритети, за дејствијата при извршувањето на изборите. Тоа пред сé убаво го согледа ВМРО ДПМНЕ, придонес дадоа и ДУИ и ДПА, и ги прифати, и создаде донесените решенија за избегнување на сомнежите во дејноста на МВР, со Министер, општоприфатен од партиите, Министер, предложен од СДСМ во Министерството за труд и социјална политика, со заменици со врзан мандат, во министерствата за финансии, за земјоделие и за информатика. И тоа мора да се препознае како надраснување на партиска исклучивост и како демократски чин.

Одвоена, или барем привидно, со воведувањето на специјален обвинител за евентуалните инкриминогени дејствија, кои можат да се потврдат, е одвоена проблематиката со индициите во прислушкуваните материјали .

Транзициониот период оттаму првенствено може да се подразбере како севкупност на решенија во однос на неповредивоста на изборите. Тие да бидат извршени според барањата за фер избори.

Секако дека, во таа насока, во својата основа, се и дејствијата кои што се претпоставени во акциониот план на Владата, како системски решенија во рамките на на разрешување на проблематиката на 23 и 24 поглавје од пристапните преговори со ЕУ, кои иако ќе се дефинираат до пред крај на годината, кога и ќе се случи колективната оставка на Владата заради избор на Влада која ќе ги спроведува изборите, како системски, останува тоа да се одвива и во наредниот периот.

Затоа во фокусот останува на последното што е договорено на 2- јуни и анексот од јули и безпредметни се опсервациите дали Договорот треба да се усвојува одново во Собраниетои дали и е постигнат според уставната процедура.

И тука најважно од сé е да профункционира нормалниот политички процес при кој ќе се јават и други иницијативи и прашања.

Оти на народот му е доста од сомнежи, нецелосни вистини, непотребно критизерство, создавање на клима на ситно калкулантство…до бескрај одовлекување на разрешницата, непризнавање на определени заслуги. Дефинитивно не му е во менталитетот да биде кавгаџиска нација а преку глава му од безизлезност и наметна приземност на мислата и говорот. А политичарите и политичките партии, покрај интелектуалците и граѓаните, ја имаат и суштинската одговорност, создавајќи свест за тоа што е што и, според тоа, да дејствуваат. И само тогаш ја следат длабоко вкоренетата мудрост на народот, а што не е флоскула.

Потрошено е взалудно значајно време и енергија со начинот на кој е манифестирана кризата, преку радикализацијата на политичкиот бојкот, со последици врз изострувањето на поделбата на народот на „ние и вие“, врз идејна основа, повампирувањето на минатото и привидот на ревандикацијата.

Затоа како поука за сите нас останува да го надминеме овој период, приклонувајќи се пред сé кон нашите светли традиции на соживот и на нашата визија за модерно живеење со длабоките демократски вредности во европското живеење.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top