Школување, дошколување, кариера, патувања, па дете – тоа е размислувањето на Македонките. Таквото размислување прави одредени поместувања во статистиката. Македонките сè почесто се решаваат прво дете да родат по триесеттата година од животот. Ако во 90-тите години на минатиот век првото дете го раѓале на возраст околу 23 години, сега таа граница е поместена на 27 години. Одложување на раѓањата и склучувањето брак на повозрасни години доведува до намалување на стапката на наталитет. Во 2012 година се родиле 23.752 деца, веќе во 2013 година таа бројка е падната на 23.138. Во 2014 година има мало зголемување – 23.596 родени деца.
Девојките велат дека, за разлика од порано кога живееле во заедници, имале финансиска помош од родителите, сега се дојдени поинакви времиња, кога младите прво се обидуваат да направат кариера, да имаат добра и сигурна плата, автомобил, да создадат услови за живот одвоени од родителите, па дури потоа размислуваат за деца. И, секако, пред да се решат за деца, сакаат да имаат период во кој ќе бидат сами и без дополнителни обврски ќе уживаат во тоа што го создале.
– Кога размислувавме за деца, јас не работев, а маж ми, кој тогаш ми беше момче, подработуваше. Живеевме со родителите, а со оглед на тоа што двајцата бевме цврсто решени да не формираме семејство во заедница, дете никако не се вклопуваше во сликата. Потоа, кога успеавме да се осамостоиме, јас почнав да работам, но тој работеше во странство. Овојпат ќе требаше детето да го растам сама со баби. И таа ситуација ја сметавме за неповолна, па повторно го одложивме детето. Кога се врати маж ми во Македонија, двајцата имавме работа, живеевме сами, но ни требаше време да се привикнеме еден на друг зашто, сепак, пет години живеевме одделено и веќе имавме стекнато различни навики. Значи, откако се исполнија сите услови, кога дојдовме до ситуација за која отсекогаш сме сметале дека е идеална за зголемување на семејството – веќе не сакавме да имаме деца. Ни беше убаво да сме сами, со свој стан, со примања кои ни овозможуваат живот каков што сакаме. Немавме обврски и уживавме во тоа. Тоа што родив на 32 години е затоа што беше неочекувано, ненадејно, а не затоа што планиравме. Планиравме да имаме дете – некогаш, без да дефинираме кога ќе биде тоа некогаш – вели 33-годишната Катерина.
Во Полошко доминираат деца од село
Во поголем дел од регионите во земјава повеќе деца се раѓаат во градските средини. Исклучок е полошкиот регион, каде што во селските средини се родени 1.200 деца повеќе отколку во градските. Овој регион, по скопскиот е со најголем број новороденчиња во 2014 година – 3.643. Во источниот регион се родени 1.616 деца, од кои само 454 во селските средини. Во југоисточниот дел се родени 1.888 деца, каде што бројката на родени во село и децата родени во град е речиси иста. Во скопскиот регион се родени 8.184 деца, а во вардарскиот се регистрирани 1.601 новороденче. Во југозападниот регион во 2014 година на свет дошле 2.248 деца, а во пелагонискиот 2.398 деца. Во североисточниот регион се слушнал првиот плач на 2.008 деца.
Жените што се решиле да родат дете по триесеттата година велат дека на некоја возраст од 23-24 години почесто размислувале за дете отколку на возраст од 28-29 години.
– Кога имав 24 години веќе бев во долга врска. Разговорите за дете некако ми беа прифатливи. Завршив факултет, имав долга врска, веќе работев. Некако бев презаситена од излегување во град, заглавување до доцна навечер. Потоа следуваше период кога дојде крајот на таа врска. Како повторно да го живеев она време кога имав 20 години – дружење, патувања, ноќни забави флертувања. Кога ќе ми спомнеа за дете, ми пречеше – дури и бев себична – како би имала дете сега? Па, кога јас ќе живеам за себе?! Сакав кариера, сакав магистерски студии, сакав забава, патувања. Па, што од тоа ќе направам ако имам дете?! Сега од оваа перспектива, на 35-годишна возраст размислувањето е друго – да родев порано, детето ќе ми беше поголемо, ќе имав поголема слобода, поголема можност да шетам и без него – коментира скопјанката Даниела.
Социолозите велат дека поместувањата во статистиката се последица на модерниот начин на живеење и темпото кое е наметнато. Жените не се домаќинки кои треба да се грижат за домот, а мажот веќе не е тој што треба да се грижи за финансиите и за имотот. Жените заработуваат исто колку и мажите, а сè почесто во семејството жената е таа која ги носи главните приходи. Поголем дел од жените се со високо образование, па дури и со докторати. Тие се кариеристи, но на сметка на тоа се создава една сериозна опасност да нè снема како етнички Македонци.
Стари невести и родилки
Според статистиката, просечната возраст на мајките при раѓање на првото дете се зголемила од 23,5 во 1994 година, на 25,3 во 2006 година. Веќе во 2012 година просечната возраст на мајката при раѓањето на првото дете изнесува 26,3 години. Во 2013 година таа граница се поместува на 27,6 години, за минатата година да има мала отстапка – 27,7 години. Границата во селските средини е нешто пониска – 25,2 години, но и таа бројка е со тенденција на раст. Просечната возраст, пак, на жената при раѓање дете, без оглед дали се работи за прво, второ, трето, во 2014 година е 29,1 година. Пред 20 години, во 1994 година, просечната возраст била речиси 4 години пониска – 25,8 години. Во периодот од 1994 до 2004 година има поместување од една година – 26,8 години.
Со оглед на тоа дека најголемиот број од живородените деца се родени во брак, може да се каже дека намалување на фертилитетот повеќе се должи на одложување на стапувањето во брак на повозрасни години отколку на намалување на бројот на склучени бракови. До 1998 година, релативно повеќе деца раѓаат жените на помлада возраст: 20-24 и 25-29 години отколку на постара возраст. Во 2000 година раѓањата се најдоминантни во двете возрасни групи, но затоа веќе во 2006 година најголем број раѓања (36,2 отсто) се случиле меѓу жените што припаѓале на возрасната група 25-29 години, 27 отсто на возраст 20-24 години, а на возраст 30-34 имало 21 отсто. Учеството на малолетничките породувања таа година е 7,2 отсто. Во 2012 година најмногу живородени деца се родени од мајки на возраст од 25 до 29 години, по што следуваат мајките од 30 до 34 години и мајките од 20 до 24 години. Родени се 26 бебиња од мајки на возраст под 15 години.
Животниот век во село се зголемува
Во градовите е поголем и бројот на умрени лица, односно 11.944 наспроти 7.774 умрени лица во селата. Најмногу смртни случаи има во скопскиот регион, а најмалку во североисточниот регион. Просечната возраст на умрените лица во градските подрачја изнесува 71,8 година, а во селските средини 73 години. Споредено со 2013 година, просечната возраст на луѓето во градовите се намалува – тогаш просечната возраст изнесувала 71,6 години. Кај луѓето во село, пак, се зголемува животниот век – во 2013 просечната возраст е 72,6.
(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 149. број на неделникот „Република“, 10.07.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст