Хрватска е против идејата за привременото финансирање на Грција, изјавил во вторникот во Брисел хрватскиот министер за финансии Борис Лаловац, пренесува „ХИНА“.
– Нашиот став е доста јасен и решавањето на привременото финансирање на Грција треба да се најде во членките на еврозоната. Ние не учествувавме нити во преговорите, нити пак во било какво одлучување. Комисијата рече дека тоа е само еден од предлозите и ќе видиме какви предлози ќе бидат ставени на маса, но ние сметаме дека еврозоната мора внатре во своите механизми да пронајде решение за привремено финансирање“, рекол Лаловац, кој во Брисел присуствувал на состанокот на министрите за финансии на земјите членки на ЕУ, на кој главна тема беше привременото финансирање на Грција.
На Грција итно и се потребни средства кои треба да се обезбедат пред да завршат преговорите за третата програма за финансиската стабилност, кои се уште не се започнати и кои во најдобар случај би можеле да завршат до средината на август.
На земјата во следните помалку од месец дена и се потребни 12 милијарди евра, и тоа 7 милијарди до 20-ти јули и дополнителни пет милијарди до 5-ти август. Поради ова на состанокот се споменале неколку идеи за од каде може да се најдат тие средства, а Комисијата ја споменала можноста повторно да се активира ЕФСМ, фондот кој беше формиран во мај 2010-та година и кој беше искористен за спасувањето на Ирска и Португалија. Според информациите, во тој фонд наводно има уште 13 милијарди евра, од кои две или три милијарди би можеле да бидат искористени за привремено финансирање на Грција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.