| четврток, 6 декември 2018 |

Во август ќе се знае колку компании ги исполнуваат условите за извоз на рускиот пазар

месо

Извозот на македонските месни производи во Русија може да биде доведен во прашање ако суровината потекнува од земји – членки на ЕУ кои се под санкции или од трети земји чии претпријатија немаат дозвола за извоз на рускиот пазар, рече денеска на прес-конференција Алексеј Алексенко, дел од тимот на Руската служба за ветеринарна и фитосанитарна контрола „Россељхознадзор” кој престојува во Македонија.

Според него, тоа сепак не ја ограничува земјава она што го увезува да го користи дома, а она што го произведува да го испорачува во Руската Федерација.

– Во однос на суровините, прашањето ќе се решава прилично едноставно, преку обезбедување стабилен, постојан пласман. Тоа е клучно. Кога ќе имате каде да го продавате производството, тогаш ќе имате и голем економски интерес за развивање на суровинската база. Сигурниот пазар е можност за развој на производството, економијата, социјалната сфера, земјоделството и сите капацитети со кои располагате воопшто – напомена Алексенко.

Во однос на извозот на рускиот пазар, укажа рускиот експерт, постои уште еден голем фактор на ризик но, тој се однесува на растителното производство и т.н. меѓународни престапници.

– Овие луѓе испорачуваат производи од ЕУ под фалсификат за извоз од Македонија. Тоа е сериозен ризик. Затоа годинава забранивме увоз на сите видови производи од Албанија- истакна Алексенко и најави дека за спречување ваков тип активности наскоро ќе се воведат нови фитосанитарни сертификати со висок степен на заштита и ќе се воспостават електронски врски меѓу  „Россељхознадзор” и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на Македонија.

Осврнувајќи се на надзорот што неговиот тим го врши деновиве над вкупно 15 македонски компании од млечната и месната индустрија, вклучувајќи и кланица, Алексенко рече дека конечните резултати ќе бидат познати кон средината на август. Тогаш ќе се знае колку од нив ги исполнуваат бараните критериуми и стандарди за извоз на рускиот пазар.

– Се уште е рано да се каже дали некоја од компаниите ги исполнува стандардите зашто инспекциите се во тек. Но, од веќе реализираните посети забележав дека постојат компании кои во поголем степен се подготвени да ги задоволат потребите на нашето законодавство за да можат да извезуваат. Досега немаше фирма која имаше право на извоз во Русија- подвлече Алексенко.

Основно е, потенцира, што македонските фирми имаат интерес за извоз во Русија, Агенцијата ја гарантира безбедноста на извозот, а се оди преку Руско-македонската комора.

– Целта на контролите е всушност обезбедување стабилна и постојана испорака на македонски производи во Русија- нагласи експертот според кој, во Македонија одлично фунцкионира соработката меѓу владините институции и реалниот сектор од млечната и месната индустрија што е особено значајно за зголемување на производство и реализирање на испораката.

Директорот на АХВ Зоран Поповски информира дека контролите на мешаните тимови составени од македонски и руски инспектори и експерти завршуваат на 23 јули. – Се посетуваат, пред се, големи компании кои може да настапат на рускиот пазар – рече Поповски.

Обезбедувањето домашна суровина за месната индустрија, истакна, ќе се развива етапно. – Еден од приоритетите на државата е максимално искористување на капацитетите и воспоставување фарми со доволен број добиток – нагласи Поповски.

По сумирањето на резултатите од надзорот, „Россељхознадзор” ќе им испорача на македонските фирми извештаи со евентуални забелешки и евидентирани недостатоци за чие надминување ќе биде задолжена и АХВ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top