| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ ќе номинира привремен премиер за период од 100 дена, изборите ќе се одржат на 24 април

dogovor han kriza (Custom)
– Политичката криза во Македонија е решена. Европските перспективи за Република Македонија остануваат отворени. Економијата се ослободува од стегите кои ги наметна политичката криза и ќе продолжи да расте, што значи нови работни места и нови инвестиции. Денеска имавме успешни преговори кои завршија со договор за избори.
Јас сум задоволен од постигнатиот договор. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на сите кои ни помогнаа, пред сѐ на претставниците на ЕУ, САД, тројцата европратеници и особено комесарот Хан. СДСМ во сиот изминат период, а и во текот на денешниот ден, правеше максимални напори да пропадне договорот од 2 јуни и да нема избори во април. Ова е од причина што тие се свесни дека во април ќе ги загубат изборите и се свесни дека народот не им дава поддршка, особено не на овој начин со кој се обидуваат да дојдат на власт ставајќи ги личните и партиските интереси, пред интересите на државата и пред интересите на народот и со користење интриги и манипулации – посочи премиерот Никола Груевски на прес-конференцијата по завршувањето на средбата со еврокомесарот Јоханес Хан.

Тој нагласи дека денес СДСМ била приклештена да не може да избега од изборите во април 2016 година.

– ВМРО-ДПМНЕ преговараше самоуверено и не им остави ни најмал простор да избегаат од изборите. ВМРО-ДПМНЕ и јас како нејзин претседател, како и секогаш досега, интересите на државата и интересите на народот ги ставивме пред личните и пред партиските интереси знаејќи дека СДСМ ќе ја искористи секоја, и најмала, можност да избега од изборите, знаејќи дека нивната цел е континуирана криза во државата која ќе ја подрие нашата економија, знаејќи дека тие само во една атмосфера на дестабилизација и криза прилично себично кон народот ја гледаат својата шанса, ние постигнавме договор во кој СДСМ се враќа во парламентот на 1 септември. Како системско решение отсега, па за сите парламентарни избори 100 дена пред секои парламентарни избори Владата ќе се повлече и ќе се формира Влада за спроведување на изборите – рече Груевски.

Во случајов, рече Груевски, ова ќе значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе номинира привремен премиер за период од 100 дена, почнувајќи од 15 јануари 2016 до изборите кои ќе се одржат на 24 април 2016 година.

– За да не може некој да има алиби и изговори за резултатите од изборите, се согласивме почнувајќи од 20 октомври, па до изборите, СДСМ по претходна консултација со ВМРО-ДПМНЕ и со ДУИ да даде предлог за технички министер за внатрешни работи, што значи личност која на ниту еден начин не се поврзува со ниту една политичка партија. Воедно,отворивме можност СДСМ да предложи министер за труд и социјална политика од истиот датум. Истовремено, во овие две министерства, ВМРО-ДПМНЕ ќе именува свои заменик-министри со право на увид и вето за сите прашања поврзани со изборите – рече Груевски.

Тој нагласи дека такви заменик-министри ќе бидат номинирани од страна на СДСМ во минситерствата за финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top