| четврток, 6 декември 2018 |

Премиерот Груевски ќе се сретне со Нуланд

gruevski.jpg-500
Претседателот на Владата на Република Македонија,Никола Груевски, денеска ќе оствари средба со Викторија Нуланд, помошник државен секретар на САД задолжен за европски и евроазиски прашања.

Средбата ќе се одржи во Владата на Република Македонија, а почетокот е предвиден за 11:30 часот.

На средбата се очекува да се потврди стратегиската определеност на Македонија за членство во НАТО и Европската унија.

Се очекува Нуланд да оствари средби и со претставниците на политичките партии до кои од Дубровник упати повик да ја искористат можноста што им се нуди и да го спроведат договорот за нормализирање на политичката состојба.

– Нашата порака до Македонија е еднакво цврста. Пред вас е голема можност за единство и просперитет. Пред вас е членство во НАТО и во Европската Унија. Но, големите политички партии мора да престанат да се расправаат и да појдат по патот на демократски реформи кој Еврокомесарот Јоханес Хан го подготви со поддршка од Соединетите Американски Држави, а потоа да се фокусираат на решавање на спорот за името со Грција. Немојте да ja пропуштите овaa можност, изјави Нуланд во своето обраќање во Дубровник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top