Реконструкцијата на специјалната болница за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје ќе започне следниот месец, најави денеска премиерот Никола Груевски.
Одговарајќи на новинарско прашање на официјалното пуштање во сообраќај на проширената и реконструирана улица „Јордан Мијалков“ премиерот рече дека минатата недела била донесена одлука за отпочнување на тендерска постапка за темелна реконструкција на болницата „Свети Наум Охридски“, која деновиве започнува како постапка, а во текот на август се очекува да почнат и градежните работи и да завршат кон крајот на јануари следната година.
– Станува збор за темелна реконструкција која вклучува салите за операција, интензивната нега, кровот, лифтовите, промена на инвентарот во болничките соби -истакна Груевски.
Реконструкцијата, како што нагласи, ќе биде темелна затоа што се работи за исклучително важна болница која што е во градското јадро и е многу значајна за граѓаните на Скопје.
– Реконструкцијата беше планирано да се изврши во 2017 година, но заедно со министерот за здравство и со министерот за финансии изнајдовме начин да започне следниот месец, а комплетно да заврши на крајот на јануари или почетокот на февруари следната година – рече Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.