| четврток, 6 декември 2018 |

Освен Меркел, НСА ги прислушувала и Шредер и Кол

мер

Американската Агенција за национална безбедност (НСА), покрај актуелната германска канцеларка Ангела Меркел, ги прислушувала и телефоните на нејзините претходници, Герхард Шредер и Хелмут Кол, јави дописникот на МИА од Берлин.

Најновите документи објавени од Викиликс укажуваат дека НСА прислушувала 125 телефони на германски претставници во последните три децении. Со последните објавени документи и по вчерашниот повик на влијателниот весник „Шпигел“ за прекинување на „ѓаволскиот пакт“ со САД, се зголемува и притисокот на јавноста која бара акција од Меркел.

И покрај тоа што минатиот месец американскиот претседател Барак Обама за време на посетата по повод самитот на Г7 рече дека двете земји се неразделни пријатели, сепак Германија и САД ги очекува жежок период во кој ќе мора да се расчистат фактите што создаваат непријателска клима во Берлин.

Во најновите документи „Викиликс“ открива дека биле прислушувани телефонскиот број на канцеларката и нејзините советници, а следена била и комуникацијата преку нејзиниот факс.

– Имињата поврзани со дел од целите укажуваат дека шпионирањето на канцеларијата на канцеларот датираат од пред времето на Меркел, а тоа го вклучува и персоналот на поранешниот канцелар Шредер и неговиот претходник Кол, кој ја водеше Германија меѓу 1982 и 1998 година – се вели во соопштението на „Викиликс“.

Меѓу прислушуваните се наоѓа и името на екс-шефот на кабинетот на Меркел, Роналд Пофалија, кој беше одговорен и за германската разузнавачка служба БНД.

Пофалија пред две години изјави дека „САД понудиле договот за нешпионирање“, што според информациите не бил почитуван.

Прислушувањето било насочено и кон телефонскиот број на Меркел од компанијата „Водафон“, што го користела во 2013 година.

Меѓу снимените разговори објавени од Викиликс се наоѓа и комуникација на Меркел во врска со меѓународната финансиска криза, разговор со принцот од Обединетите Арапски Емирати за Иран и со нејзините советници со кои во 2011 разговарала за кризата во еврозоната.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top