Инцидентот со нацистичкиот симбол исцртан на тревата во Сплит на стадионот „Пољуд“ пред квалификацискиот натпревар за Европското првенство 2016 година беше последен во низата на земјата која нема добра репутација кај светските и европските фудбалски челници кога се работи за навивачите.
Во времето кога Србија ја чека одлуката од судот во Лозана и Хрватска ништо помалку не е загрижена за својата иднина.
УЕФА отвори дисциплинска постапка против Хрватскиот фудбалски сојуз, во врска со инцидентот кој се случи на 12.јуни.
Конечната одлука би требало да се донесе најдоцна до 16 јули, а во хрватската јавност владее страв дека може да се случи и најлошото, исфрлување од квалификациите за ЕП 2016.
Во врска со тоа премиерот на Хрватска, Зоран Милановиќ, го моли претседателот на УЕФА, Мишел Платини, за милост.
– Апелувам до вас да не дозволите ЕП 2016 година да помине без најдобрите репрезентации – потенцира Милановиќ, кој надополнува дека полицијата е многу блиску до пронаоѓање на учесниците на големиот инцидент.
Тој додаде дека исфрлувањето од квалификациите на Хрватска ќе биде „драконска казна“ за целата држава и би го уништила цел тим и би оставила голем белег кај сите навивачи на репрезентацијата. Тој потенцираше дека ваквиот епилог ќе остави долготраен ефект врз хрватскиот фудбал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.