| четврток, 6 декември 2018 |

Листата на итни реформи од ЕК пред собраниската Комисија за финанасирање и буџет

собрание

Листата на итни реформски приоритети за Република Македонија од Европската комисија и Препораките од групата на високи експерти за системските прашања за владеење на правото кои се однесуваат на следењето на комуникациите објавени пролетта 2015 година, во делот В. независни регулаторни, контролни и надзорни тела денеска ја разгледаа членовите на собраниска Комисија за финансирање и буџет.

Претседателот на Комисијата Крсто Мукоски ги посочи неколкуте потточки во делот В, кои се однесуваат на независни регулаторни, контролни и надзорни тела.

– Да се осигури задоволителна автономија на независните регулаторни, контролни и надзорни тела, не само теоретски туку и во пракса, со цел тие да делуваат ефективно и без политички притисок. Ова бара не само проактивни напори од самите тела, но и политичка волја на сите други чинители да им дозволат да ги извршуваат нивните функции како што е предвидено со закон, вклучително и преку доделување на доволно финансиски средства. Да се осигури дека членството во независни регулаторни тела се заснова на професионални способности, професионално искуство соодветно за областа и компаративна предност при изборот/именувањето – рече Мукоски.

Додаде дека во посочениот дел В се бара да се осигури дека препораките на Канцеларијата на Народниот правобранител и другите советодавни тела се следат од страна на сите државни органи со целосно почитување на законот и принципот на отчетност. Да се осигурат ефикасни законски санкции за неисполнување на барањата и препораките на независните тела. Да се осигури дека Канцеларијата на Народниот правобранител е уредена целосно во согласност со Париските принципи, стои во Листата на итни реформски приоритети.

Според Мукоски, Македонија има успешни инструменти и алатки со кои се врши контролата во работењето на овие регулаторни тела, бидејќи секое од нив потпаѓа под закон со кој е уредено нивното работење. Додаде дека за дел од регулаторните тела, како Државниот завод за ревизија со посебен амандман во Уставот на РМ се планира да се обезбеди целосна независност на овие институции.

– Во тие закони по кои работат овие регулаторни тела јасно се утврдени начинот на кој функционираат овие тела, како и изборот на претседателите и членовите на овие комисии и регулаторни тела, а тие се должни кон Собранието како нивен основач да достават во текот на годината програма за работа, финансиски план – рече Мукоски.

Порача дека од исклучителна важност е присуството на опозицијата во Собранието на РМ, бидејќи насекаде опозицијата ги иницира тие теми за кои треба да се расправа.  – Тоа не ја амнестира партијата на власт, но по некое правило опозицијата треба да иницира бидејќи е контролен механизам во работењето на Собранието и Владата на РМ – рече Мукоски.

Нагласи дека е неопходно да се осигура задоволителна автономија на регулаторните тела и понепосредна комуникација што, како што рече, ќе се постигне со присуство на членови на Комисијата на одредени посуптилни седници на регулаторните тела.

Мукоски побара и учество на членовите на Комисијата во меѓународната соработка на регулаторните тела, како и доедукација на пратениците за да можат да ги препознаат забелешките на работењето на овие тела што им ги посочуваат граѓаните во непосредните средби.

Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија рече дека е неопходно потранспарентно следење на уредбите и правилниците на регулаторните тела и нивната имплементација.

– Крајна цел е да се намали степенот на влијание на раководниот кадар во институциите, а исто така да се запази законската процедура, да се имплементираат прибелешките или препораките од Државниот завод за ревизија без разлика дали се работи за законска процедура или ревизија на успешност на фирмите – рече Авировиќ.

Калтрина Азизи од ДУИ истакна дека со амандманот 36 кој ќе се вгради во Уставот на РМ ќе се конкретизира дефиницијата за Државниот завод за ревизија, како и низа стратегии донесени од овие комисии а се однесуваат на подобрување на функционирањето на работата на овие регулаторни тела.

Овие законски одредби за усогласување со стандардите на ЕУ, како што рече таа, треба да ги спроведеме во пракса.

Листата на итни реформски приоритети вчера беше разгледувана и на собраниската Комисија за економски прашања, а треба да се најде и на дневен ред на други собраниски тела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top