| четврток, 6 декември 2018 |

„Земја на странци“ од 9 јули во киното „Синеплекс“

Филмот „Земја на странци“ е премиерно прикажан на фестивалот Санденс, а публиката и критичарите се согласиле дека Никол Кидман феноменално ја одигрува една од најтешките улоги во нејзината кариера.

zemja_na_stranci

Aвстралиската дивина е моќна позадина на многу филмови, а тој опасен пустош ќе биде прикажан во трилерот „Земја на странци“ од 9 јули во киното  „Синаплекс“.

Во фокусот на остварувањето на режисерката Ким Фарант е животот на едно семејство во малото пустинско гратче кој се превртува наопаку кога нивните две деца мистериозно ќе исчезнат.

Семејството Паркер се доселува во австралискиот пустински град Нетгари, кој се наоѓа далеку од другите урбани центри. Оставаат впечаток на пријатни соседи, но тешко стекнуваат нови пријатели. Особено децата – Лили продолжува како и секоја тинејџерка да ги поместува границите и ја истражува својата сексуалност, додека младиот Том месечари во сон.

Една вечер, сопрузите Кетрин (Никол Кидман) и Метју (Џозеф Фајнс) откриваат дека децата исчезнале… Мајката набрзо паѓа во очај, додека насилничката природа на таткото полека испливува на површина, а страшна песочна бура се подготвува да удри во градот. Предводени од локалниот полицаец (Хуго Вивинг), жителите на градот се придружуваат на потрагата, додека градот се гуши во црвената прашина и темнината. Додека температурата расте, шансите децата да преживеале се намалуваат од ден на ден. Кетрин и Метју ќе се најдат на раб на бездна, борејќи се за опстанокот на своите деца и надевајќи се дека ќе успеат да ја променат нивната неизвесна судбина.

Покрај Никол Кидман, Хуго Вивинг, Џозеф Фајнс, во епизодни улоги се покавуваат и Шон Кинан, Николас Хамилтон, Лиса Фланаган и Тејлор Фергусон.

Дел трилер, дел психолошка драма, „Земја на странци“ е приказ на талентот и уверливиот тон на нараторот – режисерката Ким Фарант, на која ова и е прв долгометражен филм.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top