Во најризичниот период од 11 до 17 часот да се одбегнува физичка активност, да не се излегува на отворено на директна изложеност на сонце, да се употребува лесна храна, да се пијат повеќе течности, да се носи лесна облека, заштита на главата, постарите лица редовно да ја земаат својата терапија. Доколку граѓаните мора да излезат на сонце, да се практикува пауза или одмор под сенка или во некоја климатизирана просторија, а со себе да се носи вода.
Ова се препораките од Министерството за здравство по најавата дека во текот на утрешниот ден во целата држава сите региони ќе влезат во жолта фаза со температури од 34 до 40 степени, а се очекува овие високи температури да продолжат и во наредните денови.
Во соработка со сите здравствени домови во државата и со Црвениот крст, Министерството за здравство организира пунктови за бесплатни превентивни прегледи и совети за превенција од топлото време. Превентивни прегледи ќе се вршат на пунктови во 33 градови, секој ден од 18.30 до 21.30 часот, а ќе се мери крвен притисок и ќе се даваат совети за превенција од топлото време, но и за здрав начин на живот.
Д-р Јованка Костовска, раководител на сектор во МЗ, на денешната прес-конференција предупреди дека високите температури може да доведат и до појава на разни заболувања, до труење од храна и затоа, нагласи, повеќе да се внимава на личната хигиена, добро да се мие овошјето и зеленчукот, да се одбегнува лесно расипливата храна…
Црвениот крст, пак, од утре на улиците на Скопје ќе делат флаширана вода за граѓаните и ќе им помагаат на беспомошните лица и на бездомници.
Инаку, на овие пунктови, информира Костовска, во текот на јули и август се прегледуваат и по 15 илјади лица.
– Откако го донесовме акциониот план за превенција од топлотен бран по фази, со пунктовите за преглед на граѓаните и со навремено информирање на јавноста како да се заштитат, забележавме дека сите последици од топлотни бранови се намалени, рече Костовска.
Таа посочи дека се известени и здравствените установи да бидат подготвени за евентуално зголемен број лица со штетни ефекти по здравјето од топлото време односно да имаат доволно сместувачки капацитети, доволно лекарства, персонал, да посветаст внимание на климатизација на просторот, а во пофреквентните чекални да се обезбедат специјални апарати со вода за пиење за пациентите. Отпечатени се и поделени брошури во центрите за јавно здравје кои ќе ги дистрибуираат до населението.
Д-рТатјана Баевска Вучковиќ, директор на Здравствен дом Скопје, информира дека четврта година по ред на територијата на Град Скопје ќе бидат поставени три пункта од кои еден статичен на кејот на Вардар позади објектот на Владата и два мобилни пункта.
Целта на пунктовите е превентивно да се делува, но и да се подигне личната свест и за самозаштита на граѓаните при високите температури.
Баевска Вучковиќ истакна дека во изминатите три години на овие пунктови вкупно 34.952 граѓани се прегледани, од кои кај 25.561 е измерен крвен притисок и 1.361 граѓанин се упатени кај нивните матични лекари, додека 58 се детектирани како итни случаи.
Спроед неа, овие превентивни пунктови придонеле да има и мал број повици кон Итната медицинска помош.
Д-р Јованка Костовска, меѓу другото, подвлече дека според податоците што ги има Здравствениот дом последните колапси за време на летниот период од високи температури се кај млади лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст