САД не треба да се мешаат во грчката финансиска криза, изјави милијардерот и кандидат за американски претседател Доналд Трамп во интервју за телевизискиот канал „Фокс бизнис“.
– Не би се мешал и премногу активно учествувал… На Германија би ѝ препуштил да излезе на крај со проблемот. Ние имаме доволно свои проблеми – изјави Трамп, одговарајќи на прашање на водителката „што треба да преземат САД во врска со ситуацијата во Грција“.
Според него, САД не треба да заборават дека „цела ситуација со еврото“ е создадена за да може да им се конкурира на САД.
– Германија ќе се погрижи за тоа. Искрено зборувајќи, Владимир Путин веројатно ќе се приклучи и ќе ја спаси ситуацијата (во Грција), доколку Германија не успее во тоа. Така што мислам дека Грција ќе биде во подобра ситуација отколку што луѓето претпоставуваат – наведе претседателскиот кандидат и додаде дека САД не можат да се мешаат во секој проблем.
Вкупниот долг на Грција, според податоците на грчкото Министерство за финансии, од 1 април 2015 година изнесуваше 312,7 милијарди евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.