| четврток, 6 декември 2018 |

Почина првиот македонски уличен артист Зоран Ангеловски–Шпиц

spic
Почина првиот македонски уличен артист, алтернативен пионер, поборник за квалитетна музика, андерграунд борец, музичар, другар и учител на младите, Зоран Ангеловски–Шпиц.

Беше секогаш подготвенен да помогне и да посоветува, искрено без правење на лице и подлизување. Шпиц нѐ фалеше и критикуваше, нѐ советуваше и наговараше секој пат да останеме свои на своето, да не се менуваме и правиме компромиси со нашите музички дела.

Шпиц е роден 1954 година и од најрана возраст се вљубува во музиката и посебно во гитарата (иако свиреше неколку инструменти). Во 1972-73 го основа култниот состав „Машинска глава“ со кој бележат успешни концерти и настапи низ тогашна Југославија, меѓу кои за издвојување е големиот концерт на скопско средно Водно. Потоа влегува во составот на „Банана Фиш бенд“ со браќа Ансарови со кои, исто така, имаат голем број настапи низ Македонија и Југославија. Во осумдесеттите тргнува да го прави она со кое ќе биде препознатлив целиот свој живот – уличниот перформанс. Сигурно е првиот уличен артист во Македонија и пошироко и како таков ја има прошетано цела Европа.

По прошетките и џем сесиите по Европа се прибира дома и во центарот на Скопје заедно со Уки ги забавуваат Македонците. Од дружбата со Уки и неговиот син Мики ја формираат групата „По ова“ (After This), со која имаат снимено материјал за два албуми, кои сѐ уште не се објавени.

Шпиц ја отвори улицата за сите музичари. Кога денес ќе сретнете некој да свири на улица, знајте дека тоа го прави благодарение на пионерот на уличните свирки, Зоран Ангеловски – Шпиц.

Почивај во мир, легендо!

(БлаБла ТВ)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top