| четврток, 6 декември 2018 |

Владата на Ципрас ќе си поднесе оставка по референдумот в недела?

Грчката влада би можела да поднесе оставка доколку Грците на референдумот во недела гласаат за предлозите на доверителите, кои се услов за продолжувањето на кредитната помош, а не против нив како што бара владата, изјави во четвртокот грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис.

-Би можеле да поднесеме оставка, но би соработувале со оние кои би ја презеле власта од нас, рекол Варуфакис во интервју за едно грчко радио. Грчкиот министер рекол дека „пресудата“ на народот мора да се почитува, но истакнал дека „сé уште ништо не е готово“ и дека преговорите со кредиторите ќе продолжат по референдумот.

„Јас не сум премиер кој без оглед на сé останува на функцијата“, изјави неодамна грчкиот премиер Алексис Ципрас, одговарајќи на прашања за евентуалната оставка.

Според последните анкети, околу 46 проценти од Грците имаат намера на референдумот да ја одбијат понудата на кредиторите, додека, пак, пред два дена тој процент изнесуваше 57 отсто.

Варуфакис во своето второ интервју во четвртокот, пак, дадено за телевизијата Bloomberg, рекол дека ќе поднесе оставка доколку на референдумот повеќето Грци се изјаснат позитивно за предлозите на доверителите.

Грчкиот министер, исто така, додава дека тој не би потпишал договор со доверителите, доколку со него не е опфатено и реконструирањето на долгот на Грција. Доверителите ја третираат Грција како „должничка колонија“ која нема никакви права, вели Варуфакис.

Тој очекува дека на референдумот повеќето граѓани ќе се изјаснат негативно по предлогот на доверителите, и додава дека заедно со премиерот Ципрас и следниот понеделник ќе бидат на своите функции, „за да постигнат взаемно корисен договор со Европа“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top