| четврток, 6 декември 2018 |

Десничарите во САД убиле повеќе луѓе од џихадистите

dzihadisti_terorirsti-650x396

Во периодот по 11 септември речиси двојно повеќе Американци настрадаа во насилниот фанатизам на немуслиманите отколку во нападите на исламските екстремисти, соопшти еден вашингтонски истражувачки центар, демантирајќи го тврдењето на владата дека тероризмот инспириран од исламот е најголема закана по американската безбедност.

Владата во последните 14 години оправдуваше огромни буџети за странските интервенции, вооружување и прислушкување на опасноста која се заканува од џихадистите, но според оценка на центарот Нова Америка, можеби требало повеќе внимание да се обрне на заговорите на белите супремационисти и антивладини десничари. Расистите и други американски десничари убиле 48 луѓе, додека џихадистите усмртиле 26 лица.

shasРезултатите од истражувањето го пренесува Њујорк тајмс по минатонеделниот крвав пир на бел расист кој уби девет Афроамериканци во црква во Чарлстон во Јужна Каролина. Спротивно на општото верување, настанато со медиумските сензации и спинови на владата, дека екстремниот политизиран ислам е најстрашен непријател на Американците, идеологијата поради која граѓаните на САД главно страдаа е расната супериорност или отпорот на владините институции познат како суверено граѓанство. Т.н. суверени граѓани се одговорни за смртта на неколку полицајци.

Радикалните муслимани во наведениот период успеале да изведат седум напади на американско тло, што е во голема несразмерност со обемот на американската војна против тероризмот, олицетворена во блискуисточните војни и масовното прислушкување во режија на Националната безбедносна агенција. Контрастот меѓу вистинската опасност од тероризмот и борбата против него е уште подрастичен кога се знае дека во САД секоја година во вооружени насилства страдаат околу 30.000 луѓе (споредете го овој број со 26 жртви на исламскиот тероризам за деценија и пол). Податокот свртува внимание на проблемот на кој укажа и претседателот Барак Обама, дека масовно се злоупотребува со устав загарантираното право на поседување и носење на оружје. Сепак, пукањето на улиците, во домовите, училиштата, или видовме дури и во цркви, никогаш не создава таква хистерија како ударите на радикалните исламисти. Истражувачот на тероризам на Универзитетот во Масачусетс Џон Хорган вели за њујоршкиот весник дека постои длабок јас меѓу вистинската закана и перцепцијата на заканата.

– Заканата од џихадистичкиот тероризам во САД е пренадувана – вели Хорган и додава дека меѓу познавачите на материјата во исто време постои верување дека заканата од десничарското, против владиното насилство е потценета.

Еден неонацист пред три години упаднал во храм на сики во Висконсин и усмртил двајца полицајци и еден граѓанин оставајќи знаме со свастика на телата на жртвите. Кога христијаните изведуваат вакви напади, првата владина и медиумска претпоставка е дека тоа не е политички мотивирано насилство, т.е. тероризам, туку чин на полудени поединци.

– Кога се работи за луѓе кои не се муслимани, медиумите бараат некои психолошки линии кои тие луѓе ги бутнале преку ивицата. Кога се работи за муслимани, се претпоставува дека тоа сигурно го направиле поради својата вера – вели Абдул Кадер Асмал, муслимански активист и лекар од Бостон. Токму во овој град пред две години локалните власти ширеа страв и ги повикуваа граѓаните да се забарикадираат бидејќи полицијата тргнала во лов на страшен муслимански терорист, 19 годишен напаѓач на маратонот. Бостон со затворени училишта и продавници и празни улици и метрото, беше претворен во град на духови, додека во Чарлстон животот нормално се одвиваше додека полицијата го бараше убиецот на црните верници.

Министерството за државна безбедност, кое земјата ја штити од тероризам, уште во 2009 година забележа дека во Америка поради рецесијата и изборот на првиот афроамерикански шеф на Белата куќа, јакне радикалната десница. Извештајот е повлечен и на него повеќе не се инсистираше поради противење на Републиканската партија.

Муслиманските екстремисти секако се одговорни за најкрвавиот терористички напад на САД, т.е. за ударите на Кулите близначки и Пентагон, кога настрадаа околу 3.000 луѓе. Кога се работи за бројот на жртвите, ниеден друг напад на Америка не може да се мери со 11 септември, но не треба поради тоа да се затвараат очите пред другите опасности. По бомбашкиот напад во Оклахома во 1995 година, кога животот го загубија 168 луѓе, властите претпоставуваа дека експлозијата е малсо на блискуисточните милитанти, а подоцна дознаа дека зад сето тоа стојат двајца поранешни американски војници, екстремни десничари.

– Ако постои лекција која сме ја заборавиле 20 години по Оклахома, тоа е дека екстремистичкото насилство се појавува во различни облици. Многу често доаѓа од каде што најмалку сте очекувале – заклучува Хорган.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top