| четврток, 6 декември 2018 |

Кевин Лав се опари, Драгиќ успеа да договори 90 милиони долари

Кливленд Кавалирс го задржува костурот за следната сезона. Вицешампионот на НБА лигата успеа да ги договори услугите на Кевин Лав за уште пет сезони.
Навивачите на овој клуб можат да бидат задоволни затоа што по разочарувачката сезона на Лав во која го следеа бројни повреди и пропуштањето на плеофот, тој и покрај тоа што најави дека ќе ги разгледи бројните понуди од останатите клубови, останува во клубот.
Кливленд се договори со Лав за петгодишен договор тежок фантастични 110 милиони долари.

– Слушнав многу шпекулации за мојата иднина, но на крајот сепак пресудна беше желбата да останам овде и да го довршиме она што го почнавме минатата сезона – изјави Кевин Лав за американски медиуми.

Во центарот на вниманието се најде и Горан Драгиќ, откако словенечкиот репрезентативец потпиша петгодишен договор со Мајами хит за вкупно 90 милиони долари. Драгиќ кон средината на ланската сезона од Феникс пристигна во Мајами, а на „жешките“ им беше јасно дека ќе мора да му понудат фантастичен договор за да го убедат да остане на Флорида. Преговорите сепак вродија со плод и Драгиќ ќе биде еден од лидерите на Мајами во годините што следат, особено ако се реализираат најавите дека и Двејн Вејд би можел летово да го напушти таборот на „жешките“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top