Климатските промени се реални и видливи и треба да се зборува за нив за да видиме што може да направиме за да ги превенираме. Јавноста треба да биде информирана за промените што ги предизвикуваат емисиите на јаглероден диоксид во атмосферата бидејќи тие влијаат на животната средина, на здравјето на луѓето, на производството на храна…
Ова го истакна Ив Лерс, новинар експерт за прашања од областа на животната средина на денешната работилница на тема „Како да се привлече интересот на јавноста за климатските промени“ организирана од Француската амбасада во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за развој на ОН (УНДП).
Според него, за подигање на свесноста за промените на климата важно е луѓето да се запознаат со можните последици од овие промени кои не очекуваат за 20-30 години, но и за потребата да се дејствува сега и веднаш, а не да се чека на одговор од институциите.
– Работи на кои може сите да влијаеме е кога одиме на работа да користиме возила и транспорт кој користи чиста енергија, да користиме велосипеди. Можеме да помогнеме и со менување на прехранбените навики преку конзумирање локални производи – овошје и зеленчук. Да го намалиме конзумирањето месо оти според некои студии големо количество метан во атмосферата потекнува од фармите за одгледување крави- вели францускиот експерт.
Во тој контекст, додава, треба да се користат успешни примери од други земји и средини, но и дека не треба да се прибегнува на катастрофични сценарија и да се заплашуваат луѓето.
– На луѓето треба да им се каже дека ако еден ден снема вода во езерото, нема да има ниту риба. Користењето на ваквите примери е важно за да им се приближат последиците на луѓето од климатските промени, за тоа колку ќе бидат зголемени температурите, каква ќе биде ситуацијата утре, да бидеме претпазливи- вели Лерс.
Тој смета дека денес не државите или владите, туку градовите и регионите се тие кои предничат во согледувањето на еволутивните промени на климата и го поздрави тоа. Во однос на државите потсетува дека со Протоколот од Кјото главно беа опфатени развиените земји кои се обврзаа на квоти за намалување на емисијата на ЦО-2- стакленички гасови во атмосферата.
На претстојната Светска конференција за климатски промени, пак, која ќе се одржи во Париз, од 30 ноември до 11 декември годинава, со преговорите за изнаоѓање механизми за намалување на емисијата на стакленички гасови, покрај големите земји, кои важат и за големи загадувачи, ќе бидат опфатени и земјите во развој. Македонија, вели, е меѓу првите 30-тина земји кои имаат изготвено извештаи за состојбата со климатските промени.
– Климатските промени се присутни секаде и најмногу се однесуваат на прашањата на енергијата, на транспортот и се што користи енергија. Во Македонија 70 проценти од стакленичките гасови се од производството на електрична енергијата. Не знам дали транспортот влегува во тоа или не, но атмосферското загадување во Македонија е секогаш проблем и тоа се должи најмногу на чист транспорт. Ние се уште немаме чист транспорт, односно транспорт кој воопшто не користи енергија, но идејата е да се изнајдат начини за производство на енергија кои нема да загадуваат. Тука имате многу вода која може да се користи, бидејќи таа е енергија која е обновлива, исто и соларната енергија… Треба да се види и влијанието на градежништвото и да се усогласите со ЕУ-директивите во овој дел- вели Лерс.
Во Европа, посочува, се помалку има и возила на погон на фосилни горива и фокусот во следните 20-30 години е во транзицијата кон електричната енергија и другите обновливи извори на енергија, кои би требало за два до три пати да ја намалат емисијата на штетни гасови.
Министерството за животна средина и просторно планирање во рамки на подготовките за претстојниот глобален форум во Париз изготви Нацрт-документ за т.н. „соодветни национални придонеси за климатски промени“, со кој амбиција е до 2030 година да се постигне намалување на емисиите на стакленички гасови за 30, односно за 36 отсто. Намалувањето се однесува на СО2 емисии од согорувањето на фосилни горива со доминантно учество на секторите снабдување со енергија, згради и транспорт, со кои се покриваат речиси 80 отсто од вкупните емисии на стакленички гасови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.