| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува прв фестивал на музички документарци

Секоја година фестивалот ќе има различна земја-партнер. Годинава тоа е Германија. Со поддршка на Германската амбасада во Скопје ќе пристигне режисерот Ули Шупел, автор на „Ник Кејв-Патот до Господ знае каде“

Со изложба на фотографии од настапите на Дејвид Боуви, во присуство на авторот – британскиот фотограф Брајан Рашиќ вечерва ќе биде отворен првиот Фестивал на музички документарни филмови „Скопје синема сити“. Изложбата е поддржана од Министерството за култура.

На изложбата ќе бидат претставени концертни фотографии, почнувајќи од турнејата на Боуви од 1983 година, па се до последните турнеи од 2002 и 2006 година, пред неговото повлекување од сцена. Изложбата има хуманитарен карактер, а фотографиите ќе бидат понудени на продажба. Средствата ќе им бидат донирани на децата без родители.

Во рамки на фестивалот, до петти јули во Сули Ан (Факултет за ликовни уметности) во Старата скопска чаршија ќе бидат прикажани тринаесет музички документарни филмови, од домашна и од странска продукција. „Филмови, музика и вино“ е мотото на фестивалот, кој е дел од манифестацијата „Скопско лето“. Фестивалот се реализира во партнерство со Кинотека на Македонија.

Секоја година фестивалот ќе има различна земја-партнер. Годинава тоа е Германија. Со поддршка на Германската амбасада во Скопје ќе пристигне режисерот Ули Шупел, автор на „Ник Кејв-Патот до Господ знае каде“.

Македонските филмови кои ќе се прикажат се: „Јас сум андерграунд“, посветен на бендот „Шутка рома рап“, „Денот да е радосен“ за Културно-уметничките работници, како и премиера на филмот „Уметници за жици“ – за изработувачите на инструменти од чаршијата, семејството Гиевски.

Покрај филмската програма, во рамки на фестивалот на 2, 3 и 4 јули во кафе-барот „Менада“ ќе бидат организирани работилници, предавања, мастер-часови за филмска музика, музичка продукција и културен менаџмент.

Репризи на дел од филмовите ќе се прикажуваат во Кинотека на Македонија и во кафе-барот „Менада“. Секоја фестивалска вечер ќе биде заокружена со музички настани во „Менада“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top