| четврток, 6 декември 2018 |

„Скопје сити мол“ ги отфрли обвинувањата на „Лендсервис“

skopje siti mol

„Скопје сити мол“ во целост ги отфрла тврдењата на фирмата „Лендсервис“ дека е направена каква било дискриминација на нивни вработени, а особено не дискриминација по национална основа врз припадниците на ромската националност.

„Најодговорно тврдиме дека соработката на „Скопје сити мол“ со фирмата „Лендсервис“ престана исклучиво поради нивното неквалитетно одржување на хигиената во објектот. Уште еднаш потенцираме дека „Скопје сити мол“ е мултиетничка и мултикултурна компанија која во ниту еден случај не поддржува дискриминација по каква било основа. Напротив, нашата компанија е постојано отворена за соработка со сите, без разлика на нивната етничка припадност, религија, раса, политичко убедување или сè она што може да се смета за дискриминација. Само како за пример, во „Скопје сити мол“ од самиот почеток па до денес се вработени и работат луѓе од различна етничка припадност, вклучувајќи ја и ромската“, соопшти „Скопје сити мол“.

Оттаму велат дека фирмата „Лендсервис“ во јавноста ги пласира овие лажни обвинувања обидувајќи се да прикаже еден деловен проблем во сосема поинакво светло, водејќи валкана кампања против „Скопје сити мол“.
Во врска со сите објавени лаги и клевети од „Лендсервис“, „Скопје сити мол“ најави дека ќе ги заштити своите права пред надлежните институции во државата.

Од „Сити мол“ апелираат јавноста да не го формира своето мислење врз основа на лажните обвинувања на „Лендсервис“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top