Просечната исплатена нето-плата по вработен во април изнесувала 21.746 денари што е зголемување за 2,7 проценти во споредба со тој месец претходната година, објави денеска Државниот завод за статистика.
Зголемувањето се должи, пред сè, на покачувањето на платата во секторите Рударство и вадење камен за 32,9 проценти, Уметност, забава и рекреација за 9,8 проценти и Други услужни дејности за 9,5 проценти.
Во однос на март, зголемување на нето платата има во секторите Стручни, научни и технички дејности, Транспорт и складирање и кај Информации и комуникации.
Зголемување е забележано и во однос на бруто платата која во април изнесувала 31.939 денари. Таа е зголемена за 2,9 проценти во споредба со тој месец лани. Зголемување има во секторите Рударство и вадење на камен за 32,6 проценти, Други услужни дејности за 10,3 проценти и Уметност, забава и рекреација за 9,9 проценти.
Во однос на претходниот месец зголемување на бруто платата има во секторите Стручни, научни и технички дејности, Транспорт и складирање и Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.
Во април 1,5 проценти од вработените не примиле плата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.