Во Македонија повторно се игра на картата на радикализација на состојбата. Откако стана јасно дека, место политичкото раководство на Социјалдемократскиот сојуз, политиките и потезите ги кројат т.н. „граѓански организации“, тие сега под плаштот наречен „Граѓаните за Македонија“ определија рок по кој ќе вовеле радикален отпор ако не им се исполнат барањата. Нивните барања се еквивалент на барањата поради кои и пропаднаа преговорите во Брисел, каде што партискиот потписник Зоран Заев поплука врз дадениот и потпишан збор пред меѓународната заедница во Скопје. Всушност, сега се бара брзо решение откако Заев со шмек на струмички трговец порачуваше дека ако на Хан му се брза, за него не е страшно да се одложи договорот. И сега истите творци на мислењето на Заев кои го учеа да молчи на средбата во Брисел – дури и да биде квалификуван како недоветен – притискаат на брзо решение „за десетина дена“, но по нивна волја. Ако не – радикализација.
„Граѓаните“ што така бистроумно градат „висока политика“ се истите што по диктат на главниот извор на финансии, Соросовата фондација, влетаа во играта дека Хан е поткупен, дека режимот е готов, па дури и дека тие треба да седат на преговарачката маса. Љубимците на Сорос се постојани: Форум – центарот за стратегиски истражувања и документација, главниот извор на кадри за СДСМ; најстарата НВО-ќерка „Метаморфозис“, „Македонскиот центар за европско образование“ на Лидија Димова. Онаа Димова што во 2012 година побара укинување на фондовите на ИПА за Македонија бидејќи биле „неуспешна приказна“, како што денес ги оценува и странските инвестиции во Македонија. На листата на „граѓаните“ се и Хелсиншки комитет, потоа Синдикатот на дипломатите на сопругот на Мирјана Најчевска, а заедно со дел од неколку тела на Хелсиншкиот комитет и на Соросовата фондација. Следува „Цивил“ на Џабир Дерала, кој му порача на Хан дека е неинформиран; па „Точка“ на Никола Гелевски; НВО инфоцентри; разноразни собири како АЈДЕ, Плоштад слобода, Иницијатива за гушкање на трговски центри; следуваат центри со секс, транс и ЛГБТИ префикси и, секако, десетина организации од Струмица и населбите во општината која за две евра по квадратен метар ја раководат Заеви.
„Граѓани“ се и Бранко Героски, Љубомир Фрчкоски и Сашо Ордановски – главните креатори на ставовите и молчењата на Заев. Притоа, вчудовидувачко е ниското ниво на комуникација кое истекува од нив, како и од сателитите на тоа друштво. Мирослав Грчев, еден од нив, за порталот на Героски, финансиран од Сорос, во колумна насловена „ВМРО да се ИСКОРНЕ од македонската држава“ повикува на „дератизација, дезинсекција, дезинфекција и деконтаминација на сите институции на државата и општеството од смртоносниот ген на ВМРО-ДПМНЕ… Вмровски ген мора да се искорне од телото на македонската држава и да се фрли на буништето на историјата“. Грчев и пријателите, гледајќи се како творци на јавно мислење, долеваат масло на огнот заборавајќи на главната улога во општеството. Забораваат дека сечија одговорност е да не се потпалува ситуацијата и дека во таква ситуација секој збор што води кон насилство има тежина на чекан, а сѐ што ќе биде кажано и направено ќе им биде припишано ним.
Но, играта со радикализација не е ниту нова ниту непозната за СДСМ, опозицијата и за Сорос. И секогаш со исти барања „за слобода и за демократија“, но не со програма, туку преку говор на омраза и ширење лаги кои единствено носат зло. Радикализацијата е во игра уште од 2013 година кога СДСМ го блокираше сообраќајот на крстосниците во Скопје и бараше „трпение и разбирање од граѓаните на Скопје за блокадите“ зашто тоа го правел „за враќање на демократијата“. И тогаш имаше лидерски средби, и тогаш СДСМ бегаше од избори. Ниту тогаш радикализацијата го спаси СДСМ на избори ниту, пак, сега ќе го спаси.
Деновиве, пак, освен бегање од избори – за кои СДСМ се согласи со потписот на Заев – тоа зло се вика и загрозување на евроинтеграциите, за кои Европската комисија, но и сите други тела во Унијата, е подготвена да ги овозможи за Македонија со де факто отворање на преговорите за членство во Унијата – а за којашто подготвеност сведочат и шесте едноподруго препораки од ЕК. И сето тоа Соросовата група која владее со СДСМ го става зад своите лични интереси, наводно во име „на граѓаните“.
Причината за тоа е многу јасна и очигледна – доколку се отворат преговорите, Македонија ќе направи чекор напред во евроинтеграциите, а со тоа во целост ќе паднат во вода тезите за режим, недемократија, неслобода на медиумите. Но, ќе секнат и финансиските донации од странство кои стигаат токму на таа лажна адреса до истите организации, независни експерти и медиумски работници. И, секако, Сорос во Македонија веројатно би ги загубил марионетите од опозицијата и од граѓанскиот сектор по новиот изборен пораз некаде до април. Затоа, најавата за радикализација со креирање конфликти не е ниту изненадувачка ниту, пак, може да остане така како што ја замислува мала група со симптоми на пасивно агресивно однесување.
На еден од народните собири на ВМРО-ДПМНЕ во април, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, од Прилеп му порача на Заев да не си игра со безбедноста откако тој најави дека „ако треба и крв ќе падне“.
– Слушам, не ми се верува, враќам назад, пак слушам, стварно тоа го збори, си велам абе човек, седи мирен и не си играј играчки, тешки зборови кажуваш, не си играј играчки, да не те лаже ѓаволот да правиш глупости, зашто ако седиме мирно и те пуштаме на глава да ни се качуваш, не значи дека ќе дозволиме и граѓански конфликт да направиш – порача Груевски.
И додека на Заев те не му се брза те му се брза, времето тече, а граѓаните се сѐ пократки со нервите. Првенствено, тие што Заев ги држи на сендвичи во шаторите пред Влада, па прво се пресметуваа меѓу себе, а потоа се пресметуваа и со случајни минувачи.
Но, доколку пасивната агресивност на Заев и на Соросовите лидери зад него продолжи, а со тоа и ја одземе иднината која, и според оценките на меѓународната заедница, ја заслужуваат вистинските граѓани, тогаш на ефектот на бумеранг на радикализацијата нема да може да му се спротивстават ниту шаторите ниту, пак, цврстите градби на „Павел Шатева“ во Скопје или на „Сандо Масев“ во Струмица.
Сега е моментот кога пред Македонија навистина е отворена вратата кон иднината – онаа, европската, за која постои најголемиот консензус во Македонија. Пред државата е и предизвикот да се справи со најжешкото прашање, да продолжи со најголемата борба, онаа против невработеноста. И, конечно – со прашањето за долгорочно стабилно снабдување со енергенти. Само така граѓаните ќе можат да ги почувствуваат вистинските „слобода и демократија“. А, на патот на сето тоа е најавената радикализација која, на крајот, нема да донесе никому добро, ниту на опозицијата, ниту на власта, ниту на кој било граѓанин во Република Македонија.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 146. број на неделникот „Република“, 19.06.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


