| четврток, 6 декември 2018 |

Собранието ја прифати завршната сметка на Буџетот на РМ за 2014

Собранието на Република Македонија во попладневното продолжение на 54. седница ја усвои завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2014 година, и донесе повеќе законски измени и дополнувања.

Второто читање го поминаа предлог законите за изменување и дополнување на законите за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост, за експропријација и за денационализација.

На седницата беше констатирано дека Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход во прво читање е прифатлив и може да се даде на натамошно второ читање.

Пратеничката Светлана Карапетрова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со Законот се допрезицизираат законските одредби во однос на утврдување на продажната цена и доколку органот за јавни приходи утврди дека договорната цена е пониска од пазарната тогаш за продажна цена се смета пазарната вредност на недвижниот имот утврдена од страна на локалната самоуправа.

– Измени има и во принципот за пресметка на оданочување на износот на недвижниот имот. Досега беа оданочувани во висина од 70 проценти, а со предложените измени се предвидува целосно оданочување на капиталната добивка со исклучок кога обврзникот живее повеќе од една година пред продажбата во недвижниот имот и каде ќе се пресметува персонален данок на основицата од 70 проценти, рече Карапетрова.

Додаде дека со измените и дополнувањата се пропишуваат и случаите според кои, капиталната добивка остварена од продажба на недвижен имот, нема да се оданочува и тоа во случаите на продажба на недвижен имот стекнат по основ на наследство или подарок, кога брачните другари се во фаза на развод и го продаваат имотот на трето лице и продажба на имот меѓу брачните другати.

Пратениците ја почнаа расправата по Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за квалитетот на земјоделските производи во прво читање.

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски истакна дека се предвидуваат две суштински измени кои се однесуваат на подобрување на односите во делот на откупот на суровото млеко од страна на млекарниците од локалните фармери, од производителите на млеко.

Целта на предложениот закон за измена и дополна на законот за квалитетот на земјоделските е целосно остварување на целите на законот преку дорегулирање на одредени прашања односно се воведува систем на обука за контролори земање на примероци за анализа на квалитетот на  млекото и млечните производи, а во делот на заштита на квалитетот се врши усогласување со најновата ЕУ регулатива 1151/2012 на Европската унија.

Педесет и четвртата седница на Собранието ќе продолжи утре.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top