| четврток, 6 декември 2018 |

САД: Македонија e искрен партнер во борбата против тероризмот

Извештајот за терористичките напади низ светот во 2014 година, подготвен од американскиот Стејт департмент, оценува дека Македонија била искрен партнер во борбата против тероризмот, пренесува МИА.

Извештајот, кој беше објавен вчера и кој не ја покрива 2015 година, односно не го вклучува нападот во Куманово, го наведува гранатирањето на Владата и помалите бомбашки напади во близината на полициските станици во Тетово и Куманово извршени во текот на 2014 година. САД проценуваат дека неколку десетици македонски државјани заминале во Сирија и во Ирак и се приклучиле на исламистичките групи.

– Против-терористичките активности во Македонија го вклучуваат усвојувањето на законот со кој се забранува вклучувањето или помагањето на странски терористички групи. Десетици македонски граѓани заминале во Сирија и Ирак како странски борци во изминатите години, иако има индикации дека законот, кој беше усвоен во септември 2014 година, има некаков ефект да се обесхрабри оваа појава. Во Македонија немаше посериозни терористички инциденти во 2014 година. Зградата на Владата, каде е сместена канцеларијата на премиерот, беше оштетена во ноќта на 28 октомври од страна на непознати напаѓачи. Два проектили, веројатно од рачен фрлач на гранати, беа истрелани врз зградата која беше празна во тој момент, при што немаше повредени. Локалните медиуми објавија писмо од Ослободителната национална армија (ОНА), која презема одговорност за нападот, но некои аналитичари го отфрлија писмото, кое беше објавено една недела по нападот и не содржеше барања. Истата наводна група презема одговорност и за двете помали експлозии пред полициските станици во Тетово и Куманово на 9 декември”, пишува во извештајот кој вчера беше презентиран од амбасадорката задолжена за координација на борбата против тероризмот Тина Кајданов.

Во извештајот се наведува дека македонскиот безбедносен систем е добро подготвен заефикасно да се справи со терористички напади, пред се преку Управата за безбедност и контра-разузнавање и специјалните полициски единици. Дополнително, Македонија е оценета како земја која активно соработува во борбата против тероризмот. Што се однесува до финансискиот сектор, извештајот на Стејт департментот оценува дека Македонија не дозволува анонимни банкарски сметки и не е центар за оф-шор финансирање, но непрофитните организации се изземени од задолжителното пријавување на приходите.

– Македонија е искрен партнер во борбата против тероризмот, како регионално, така и на меѓународна сцена. Грчкото одбивање да го признае името на Македонија повремено ја ограничува можноста на Македонија да учествува на меѓународните форуми. Министерот за надворешни работи Никола Попоски учествуваше на тркалезната маса за балкански земји на Стејт департментот организирана при Генералното Собрание на Обединетите Нации, а во октомври, Македонија беше домаќин на регионалната конференција за разузнавање на која се дискутираше прашањето за странските терористи, пишува во извештајот.

Во извештајот дополнително се оценува дека неколку стотици граѓани на Косово и Албанија, како и од српскте области Санџак и Прешево, се
приклучиле на исламистичките групи во Ирак и Сирија, а неколку десетини досега биле убиени. Наведена е големата операција во Косово пред една година, кога 59 осомничени терористи беа уапсени и ставени во долготраен домашен притвор, но без да бидат покренати обвиненија.

Бугарија исто така реагирала против информации за промовирање на исламистичката група ИСИС меѓу Роми во градот Пазарџик. Наведено е дека и Грција се соочува со постојани терористички напади од помал обем извршени од анархистички групи, честопати насочени против западни цели и финансиски институции.

На глобално ниво, во извештајот се оценува дека бројот на терористички напади се зголемил за 35 проценти во текот на минатата година, при што 33.000 луѓе биле убиени. За разлика, во 2013 година, бројот на жртви на терористички напади низ светот се проценува дека бил околу 18.000.

Земјите во кои Стејт департментот вели дека има најголем подем на тероризам се Ирак, Авганистан и Нигерија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top