| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов на форум за безбедност во Братислава

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска ќе престојува во Братислава, Словачка, каде ќе учествува на 10-от Глобален форум за безбедност „ГЛОБСЕК 2015“.

Иванов ќе се обрати на сесијата „Балканска шаховска табла: Дали влогот е целосна и слободна Европа?“, пренесе МИА.

Во македонската делегацијата е и министерот за одбрана Зоран Јолевски, како и министерот без ресор  Фуркан Чако, кој за време на престојот во Братислава ќе ги презентира поволностите и можностите за инвестирање во Република Македонија пред словачките бизнисмени.

Теми на годинашниот форум се улогата на централна Европа во Украина, иднината на Европа, надворешната политика на САД, колективноста на НАТО Алијансата, како и економските карактеристики на Вишеградската група.

На Глобалниот форум за безбедност „ГЛОБСЕК 2015“ најавено е учество на шефови на држави и влади, министри за надворешни работи, за одбрана,… Меѓу учесниците се претседателот на Словачката Република, претседателите на Хрватска, Естонија, Грузија и Полска, премиерите на Велика Британија, Словачка, Црна Гора, Чешка и на Унгарија. На форумот најавено е учество и на генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, генералниот секретар на ОЕЦД, Анхел Гуриа и на американскиот сенатор Џон Меккејн.

На маргините на форумот предвидено е претседателот Иванов да оствари повеќе формални и неформални средби.

„ГЛОБСЕК“ е конференција со фокус на надворешната и безбедносната политика во централна Европа. Целта на форумот е да го стави регионот на мапата на трансатлантското стратегиско размислување и во агендата на светската надворешна, безбедносна и економска политика. 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top