| четврток, 6 декември 2018 |

Меѓународен натпревар во кореографија „Икс денс“

Во Центарот за култура во Струга се одржува Меѓународниот натпревар во кореографија „Икс денс 2015“.

Младите таленти денеска, 17 јуни, се натпреваруваа во повеќе категории и танцови дисциплини, од класичен балет, до фолклор и модерни танци. Освен учесниците од Македонија, настапија и учесници од Казахстан, Израел, Русија, Летонија, Кореја.

Сања Шутевска, балетски педагог и кореограф, уметнички директор на фестивалот „Икс денс“ вели:

– Овој фестивал го слави танцот во сите негови форми и стилови, од елеганцијата и префинетоста на класичниот балет до енергијата и динамиката на современиот танц. Минатата година организиравме фестивал на завидно ниво. Целта ни е годинешното издание да биде уште подобро и на тој начин оправдано да прераснеме во еден од најдобрите фестивали во регионот – вели Сања Шутевска, балетски педагог и кореограф, уметнички директор на фестивалот „Икс денс“.

Како дел од богатата фестивалска програма на „Икс денс“ ќе се одржат и мастер класови за учесниците, а предвидени се и екскурзии до Вевчани и до Охрид.

Минатата година наградата Гран при ја добија Кореографското студио „Сказка“ од Русија и ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, оддел за современ балет од Македонија за кореографијата „Јас сум“.

Наградите од стручното жири ќе им бидат доделени на најдобрите учесници во четврток, 18 јуни, а потоа ќе следи гала-концерт во Центарот за култура во Струга, на кој ќе настапат најдобрите учесници со впечатливи изведби и кореографии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top