Претседателот на Алијансата за иднина на Косово (АБК) Рамуш Харадинај, уапсен е на аеродромот во Љубљана, на враќање од Берлин, јави „Коха диторе“.
Харадинај, како што се наведува, е уапсен врз основа на потерницата која ја издала Србија во 2006 година, пренесе Танјуг.
Коха.нет објави дека Харадинај ќе биде изведен пред Суд во 18 часот.
АБК побара итно ослободување на Харадинај и смета оти станува збор за намерна акција.
Портпаролот на АБК наведува дека словенечките власти не ја соопштиле официјално веста за апсењето на Харадинај, ниту за тоа ги известиле косовските власти.
Официјална Приштина е во постојана комуникација со словенечките власти поради разјаснување за апсењето на Харадинај.
„Коха диторе“ наведува дека меѓународната потерница на Србија по Харадинај и натаму е во системот на словенечката полиција меѓу останатите потерници, па како што тврдат, се очекува лидерот на АБК да биде ослободен штом „потерницата ќе биде избришана“.
Харадинај за ТВ Клан Косово претходно негираше дека е уапсен, туку оти е само приведен, по, како што тврди, неважечка српска потерница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.